1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фетишот наречен Охридски рамковен договор

12 август 2021

Охридскиот рамковен договор е редовен рефрен на македонската опозиција во жнеење македонски отпор кон него и брашно врз кое се легнува штом се освои власта во коалиција со албанската партија на власт. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3ysbB
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Стигнавме и до тој јубилеј, на дваесет години славење и кудење на Охридскиот рамковен договор. Кој годинава, С. Македонија го обележува со австриски пожарникари по планини и држава по гаќи низ плажи. Но наместо статистички податоци за успесите и потфрлањата на ОРД, да се обидеме да се осврнеме кон секогаш актуелниот, секогаш контроверзниот дух на Договорот. Низ призма на она што му претходеше, начинот на кој се имплементираше и беспатието кон кое нѐ доведоа неговите опоненти и поддржувачи.

За Албанците, ОРД претставува(ше) добра идеја и позитивен компромис кој со тек на времето ќе биде целосно киднапирана од ДУИ, дехуманизирана и сведена на јубилејни прослави во кои ниту се поканети, ниту се консултирани и следствено најмалку заинтересирани. Односот на албанската опозиција и општество кон ОРД е врамен во трите точки на прифаќање на позитивните добивки од неговата имплементација, презирна дистанца кон интегристичкиот ексклузивитет и опортунистичкиот однос на добар дел од македонското општество кон било што поврзано со овој договор. Поедноставено, негативната експропријација од страна на ДУИ и негативната интерпретација од страна на македонското општество се детерминанти на албанскиот однос кон Рамовниот како позитивно зло од негативна нужда.

За Македонците, Рамковниот е од старт лоша идеја во која не само што не се пронаоѓаат себе си, туку и го сметаат како причина за сите негативности кои ќе се случуваат од денот на потпишувањето – до денес, па и утре. Разбирливиот и сосема логичен мотив за таквиот негативен однос е пред и над сѐ определен од папочната поврзаност на ОРД со трауматичните настани од 2001 година, додека пак славењето на истиот од страна на ДУИ е редовно болно потсетување не само за сценариото туку и актерите во позадина на истото. Притоа, Договорот е редовен рефрен на македонската опозиција во жнеење на македонскиот отпор кон ОРД и брашно врз кое се легнува штом се освои власта во коалиција со албанската партија на власт. Пристап на коалицирање не само врз основа на етничкото претставување, туку и споделен модус операнди на македонските и албанските партии дека етно-патриотизмот е лост за освојување на власта, додека пак граѓанското-рамковство е привилегирана полуга за владеење.

-претходни колумни од авторот: Караѓорѓево for dummies

Доколку се обидеме да најдеме некој заеднички, неутрален именител за поставеноста на двете општества кон ОРД, истиот ќе го најдеме во неговиот третман како своевиден социо-политички Фетиш на современието. Во смисла на дефиницијата на Вилијам Пиец за генезата на фетишот како „пост-колонијален концепт роден низ контактите помеѓу Европејците и Африканците и како одговор на африканската материјална култура”. Елаборацијата на Пиец, колку да е комплексна и комплицирана, дава јасен увид во динамиките врз кои опстои негативната и позитивната фетишизација на ОРД. Имено, според Пиец: „фетишот може да потекнува само во врска со појавата на артикулација на идеологијата на стоковната форма што се дефинираше во и против општествените вредности и верските идеологии на два радикално различни типа на некокапиталистичко општество. Фетишот не само што потекнува, туку останува специфичен за проблемот на општествената вредност на материјалните објекти, откриен во ситуации формирани од средбата со радикално хетерогени општествени системи.”

Комплексната елаборација на Пиец ги опфаќа сите елементи поврзани со генезата, имплементацијата и интерпретациите на ОРД низ сите негови фази од раѓање па до денешницата. Во неа ги наоѓаме и односите помеѓу двете заедници, распределебата на добрата во старо-новиот системски контекст, надворешната интервенција, различната перцепција за добивките и слабостите, нивната еволуција во ексклузивност и финализирана во фетишизација, како од страна на приврзаниците, така и од опонентите.

Оттаму, доколку се елиминира емотивниот момент, дебатата за ОРД е всушност дебата за политички системи и естаблишменти кои ги имаат пожнеано придобивките и ја имаат обесмислено смислата и духот на Договорот. Опонентите на ОРД со право ја нотираат неговата излитеност и смисла, но притоа забораваат дека неговото раѓање не е in-vitro измислица, туку е контекстуално поврзано со излитеноста на претходниот концепт и систем роден низ безмалку идентични колонијални пост-воени брутални сценарија од кои бенефитот бил воглавно по мерка на македонското општество. Пред-Рамковна Македонија беше пропуштена шанса да приврзаниците на пост-Рамковна Македонија навреме ги увидат, вкалкулираат, превенираат и елиминираат сите негативности и недостатоци поради кои пред-Рамковната Македонија се сведе на ексклузивитет на идеолошкото едноумие, привилегија на свештенството на социјализмот, економска ексклузива на една половина на сметка на другата половина на општеството. И на крај, сведена на фетишистички ритуал на самозадоволност среде општа незадоволност и пизматична дистанца кон таквата експлоататорска манипулација.

-претходни колумни од авторот: Чудо во Скопје!

Третманот на ОРД од страна на групацијата која ја има киднапирано нејзината смисла, денес и овде не се разликува воопшто, туку е мимикрија на идентичните поведенија на приврзаниците на пред-Рамковна Македонија. Онака како што (пост)комунистичката камарила ги користеше Сутјеска и Неретва, Илинден и Прохор за внатрешна идеополитичка диференцијација, цементирање на послушноста и фешта за промоција на нови сили на старите идеи, така и ДУИ денес го користи јубилејот на ОРД за внатрешни пресметки помеѓу полит-системскиот рамковец Груби против дипломатскиот преспанец Османи за примат во партијата, за диференцијата помеѓу позициската „конструктивност” и опозициската „безидејност” итн. Очекувано е, затоа, што и приврзаниците и опонентите на ОРД удираат врз исти провидни емотивни ноти за да го камуфлираат недостатокот на алтернативни понуди или пак причина за негово понатамошно опстојување во интегристичката бедна понуда на „подобро киднапиран отколку мртов”.

Проблемот на опонентите е што елоквентнста на набројување на сите перцепирани зла од ОРД не е парирана со разборито нудење на алтернативни субститути. Криењето зад флоскули за владеењето на правото, надетничност, натпартиство, граѓански концепт итн. доаѓа во судир со нивното сопствено претходно демонстрирање на начинот на кој правото го дефинираат како сила, надетичноста како привилегија на селекција, натпартиството како идеолошка супремација и граѓанското како идеал-утопистичка апстракција. Иронија на судбината е што таквата безидејност на опонентите е денес и овде сржта на наративот на поддржувачите на ОРД кои истите флоскули ги користат за негова промоција како рецепт за иднината. Единствената разлика е во етничките презимиња помеѓу опонентите и подржувачите. Но склопката која ги поврзува е споделената аспирација да владеењето на правото го субституираат, оправдуваат и слават како прерогатив на правото за владеење.

Опонентите на ОРД се најсилните, најубедливи фактори кои ја потврдуваат неговата неопходност. Подржувачите на ОРД се најсилините, најубедливи фактори кои ја манифестираат неговата излитеност, обесмисленост, исцеденост. Сплотено, двете групации се најсилните двигатели на опортунизмот кон единственото решение кое се нуди како еволутивен происход на двата потрошени система. А тоа е интеграцијата во рамките на ЕУ. Славена од обете групации, воспевана како „финална цел на нивното спротиставување / поддршка”, и опонентите и подржувачите на ОРД се длабоко свесни дека реализацијата на интеграциите во ЕУ става крај на пустите желби за враќање на колонијална пред-ОРД подеднакво како што го обесмислува одржувањето во живот на нео-колинијалната пост-ОРД.

-претходни колумни од авторот:Нашите „засновано на вистина” настани

По децениското владеење на логиката на колонијалната комунистичка урамниловка и децениското владеење на интегристичката неоколонијална рамноправност, Македонија – онаа на мнозинството презриво индиферентни кон аргументите на опонентите и подржувачите на ОРД - повторно се враќа во неискористениот социјално мотивиран моментум на 2015-16. година. Но решително дезавуиран поради неопходноста за склучување нови рамковни договори со Грција и Бугарија. Со замислена цел за откочување на евроинтегративните процеси. Тоа беше замислата. И остана таква.

Социјалната кохезија создадена од спонтаноста на двете општества сплотени во редок историски синхроницитет беше бездушно саботирана од калкулирано изглумената еуфоричност на домашните, партиски профитерски „лешинари на демократијата”, кусогледо форсирани од „добрите услуги на меѓународната која гледа подалеку и подобро”. Но ниту ДУИ, СДСМ засилени со Црвенковски (го чекаа како Боуви, се врати како предгрупа на Груби), ниту ВМРО, Левица засилени со правните експерти на беззаконието немаат капацитет, одржлива идеја или добра волја да понудат решение за еволутивна надградба или позитивна обединувачка субституција на ОРД. Во тој судир помеѓу два концепта (пред-ОРД и пост-ОРД) родени низ воени насилства, мировниот концепт на ЕУ е единствената логична, природна, еволутивна, прогресивна етапа во развојот на Македонија. За жал, опонентите потврдуваат а поддржувачите печатираат дека тие самите и нивните замисли – колку и да се взаемно спротиставени – се клучните причини за нашата се поголема дистанца од реализацијата на нивните „добри намери”.За опонентите, изгубена можност да преку ЕУ го симнат од врат клетиот ОРД; за подржувачите, да низ членство во ЕУ ја цементираат смислата и го заживеат духот кои тие самите го гушат. Попусто! Отсуството на ЕУ од Преспанските и Охридските прослави е само потсетник колку сме далеку од реализацијата на таа насушно потребна еволуција на ОРД.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач