1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе: „Името може да се реши до крајот на годината“

5 септември 2011

Еврокомесарот за проширување, Штефан Филе се надева дека спорот за името ќе се реши до крајот на годинава. Оптимистичките оценки за затворање на спорот меѓу Македонија и Грција ги даде по средбата со премиерот Груевски.

https://p.dw.com/p/12TEs
Еврокомесарот Филе и македонскиот премиер ГруевскиФотографија: Peter Stojanovski

„Решението ќе биде добро за земјата, за луѓето и за бизнисот. Вашата земја заслужува да биде дел од позитивната слика. Оптимист сум дека до крајот на годинава ќе се реши големиот проблем. Такво чувство ми дава довербата меѓу премиерите Груевски и Папандреу и нивната посветеност за решавање на овој сложен проблем. Ги охрабрувам да дејствуваат и да работат што е можно повеќе за што поскоро да се реши името“, изјави еврокомесарот Филе на прес-конференцијата во македонската влада.

Ќе добие ли Македонија уште една препорака за преговори?

Но, сега се чини дека решавањето на името не значи и оти земјата би почнала преговори за членство со ЕУ. Филе укажува дека треба да се почека извештајот од Европската комисија, што треба да биде објавен на 12 октомври, за да се види дали Македонија повторно ќе добие препорака за почеток на преговорите, како што тоа беше со извештаите во 2009-та и 2010-та година.

Филе ги повтори повеќепати посочените забелешки на ЕУ. На Груевски му укажал дека е многу важна реформата на Судскиот совет и состојбата со медиумите. На тема „медиуми“, Филе вчера добил две писма, кои различно ја претставуваат состојбата со медиумите во Македонија – едното пратено од новинари, меѓу кои се Мирка Велиновска, Драган Павловиќ – Латас и Миленко Неделковски, и друго испратено од 17 невладини организации.

Deutschland Bosnien Stefan Füle
Охридскиот рамковен договор е најдобрата реклама за Македонија, смета ФилеФотографија: DW

„Двете писма се важни и се однесуваат на предизвиците со кои се соочуваат медиумите, но секое од нив од различен агол ги гледа“, забележа Филе.

Груевски бара ЕУ да остане фокусирана на регионот

И покрај забелешките од Унијата, премиерот Груевски очекува објективен извештај од Европската комисија за напредокот на земјава. Тој побара ЕУ да остане фокусирана на Балканот и да се работи на проширување со земјите од регионот, врз основа на нивните заслуги.

Македонскиот премиер на средбата со еврокомесарот за проширување повторил дека земјата останува со конструктивен приеод кон проблемот со Грција и дека решението не треба да задира во достоинството ниту на грчкиот, ниту на македонскиот народ.

Постигнавте многу со Охридскиот рамковен договор, но нема простор за опуштање

Филе во Скопје учествуваше и на конференцијата по повод 10 години од Охридскиот рамковен договор. Рече дека денешниот настан го покажува широкото почитување на Рамковниот договор и оти денеска се слави мирот и победата на толерантноста над конфликтот.

Konferenz 10 Jahre Ohrider Rahmenvertrag
Конференција по повод десетгодишнината на Охридскиот договорФотографија: MIA

„Историјата е полна со примери за тоа како националната нетрпеливост се претвора во војна. Со склучувањето на Охридскиот договор, вашата земја избегна граѓанска војна. Со постигнувањето компромис вашите лидери и’ овозможија на земјата да се развие и на крај Рамковниот договор ви овозможи да станете кандидат за членство во Европската унија и НАТО и ви честитам за тоа“, рече Филе.

Притоа, тој потсети дека Европската комисија даваше политичка поддршка и обезбеди 100 милиони евра за реализирање на договорот.

„Сега да погледнеме напред кон следните 10 години. Што ќе станете вие и што ќе им понудите на своите граѓани? Каква ќе биде вашата економија? Вашите активности ќе одлучат каква иднина ќе има вашата земја. Во овие 10 години Охридскиот договор донесе конкретни реформи, но сепак остануваат важни предизвици. Децентрализацијата треба да обезбеди урамнотежен регионален развој, бидејќи на сите ваши граѓани им се потребни можности“, нагласи еврокомесарот Филе и посочи дека добрите меѓуетнички односи се најдобрата реклама за земјата.

„Постигнавте многу, но нема простор за опуштање. Ние сме подготвени да почнеме преговори со вас, но сепак прашањето за името мора да се разреши пред да почнат преговорите за пристапување. Земјите-членки во Советот јасно кажаа дека овој проблем нема да биде увезен во Европската унија“, потсети на крајот еврокомесарот за проширување, Штефан Филе.

Автор: АМ/СН/ МИА

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема