1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Филипче најави мобилизација на здравствениот кадар

ДТЗ /ДВ
23 октомври 2020

Здравствениот систем се наоѓа пред најголемиот предизвик досега - како да се справи со пандемијата и напливот на пациенти, кои ги исполнија речиси сите болнички кревети.

https://p.dw.com/p/3kNA8
Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

518 нови случаи на Ковид-19 и деветмина починати, меѓу кои и 36-годишно лице. Ова е дневниот биланс на заразени со коронавирус во Северна Македонија, којшто вечерва го соопшти Министерството за здравство. Вкупниот број на заразени досега е 25.991, а оздравеле 18.247 пациенти. На болеста и' подлегнале 883 лица, а во моментов бројот на активни случаи изнесува 6861.

Повеќе:

Законот за заштита од заразни болести пред пратениците на 27 октомври

Коронавирусот галопира на Балканот, државите уриваат рекорди

Европска комисија: Kорона-вакцина нема да има уште со месеци

Мобилизација на здравствен кадар

Здравствениот систем во земјата се наоѓа пред најголемиот предизвик досега - како да се справи со пандемијата и напливот на пациенти, кои ги исполнија речиси сите болнички кревети. Вкупно во болниците низ земјата се хоспитализирани 575 пациенти позитивни или сомнителни на Ковид-19.

Министерот Венко Филипче вели дека се прави план за зголемување на здравствените капацитети во интерните одделенија за да може да се одговори на новиот бран на Ковид-19. Филипче имаше средба со директорите на болниците ширум земјата и притоа е договорено реорганизирање на болничкиот простор, со што би се обезбедил дополнителен капацитет во интерните одделенија. Филипче најави и целосна мобилизација на медицинскиот персонал.

„Правиме целосна мобилизација на здравствените работници од јавното здравство, кои ќе бидат вклучени во лекувањето на пациентите со коронавирусот. Спремаме дополнителни капацитети во интерните одделенија низ државата со цел подобро справување со овој непредвидлив вирус во зимскиот период“, вели министерот.

Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Филипче за лабораториите: Колегите работат во три смениФотографија: DW/P. Stojanovski

„Сите лаборатории ќе работат со полн капацитет“

Владата пред неколку дена ги усвои мерките за заштита, а тие во вторник се на дневен ред за усвојување и во Собранието, по што ќе стане задолжително носењето маска и на отворено, ќе се ограничуваат собирите и бројот на гости во домовите.

Филипче најави и зголемување на капацитетите за тестирање: „Ќе ги зголемиме термините и бројот на тестови. Дадена е насока на сите лаборатории за време на викендот да има дополнителни термни и да нема намалување на бројот на тестирања“, вели министерот и додава:

„Сите лаборатории ќе работат со полн капацитет за да се постигне со обработката на тестови, а денеска разговаравме за отворање на нови термини на почетокот на следната недела. Сите капацитети се максимално ангажирани, колегите работат во три смени. Верувам дека брзо ќе изнајдеме решение за надминување на состојбата“, потенцира Филипче.