1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финалето ќе биде дуел на рамноправни

17 јули 2011

Двократните светски прваци против екипата која изненади - во финалето на СП во женски фудбал, вечерва (17.07) во Франкфурт силите ќе ги одмерат САД и Јапонија.

https://p.dw.com/p/11wui
Фотографија: AP/DW-Fotomontage

Пиа Сундхаге зборува јасно. Кога пред почетокот на Светското првенство ја прашаа каде ќе биде на 17. јули, Швеѓанката, која е тренер на американската женска фудбалска репрезентација, самоуверено одговори: „Во Франкфурт, на тренерската клупа.“ Во распродадената Франкфуртска арена вечерва Сундхаге навистина ќе седи на тренерската клупа во обид со нејзиниот тим по трет пат (по 1991 и 1999 година) да ја освои титулата светски првак. Но, на патот до ова финале, самоувереноста на Сундхаге малку попушти. Во американскиот тим владее голема почит кон силните Јапонки.

Не само Сундхаге, туку целиот фудбалски свет ги триеше очите со неверување гледајќи како Јапонките, во просек високи по само 1,64 метри, од игра исфрлија два фаворита. Во четвртфиналето ја победија Германија, во игра во која речиси не направија грешки. Не им беше полесно ниту на Швеѓанките, кои во полуфиналето беа победени од подобрата тактика на Јапонија. Јапонија е тим кој на Светското првенство дојде со предисторија која вели дека репрезентацијата четири пати испаѓала уште во фазата по групи, а и надвор од светските првенства нема со што многу да се пофали. Сега, по ова првенство, Јапонија се вбројува во големите тимови во светот.

Хомаре Сава слави по постигнат гол на натпреварот против Шведска
Хомаре Сава слави по постигнат гол на натпреварот против ШведскаФотографија: dapd

За силните жени стои - маж

Голем удел во тоа има еден маж - Норио Сасаки, селектор на Јапонија и главата што ја смислува тактиката на тимот. Уште пред првенството, нетипично самоуверено за јапонски прилики, тој рече дека цел на неговата екипа е титулата светски првак. Многумина, тогаш, поради тоа му се потсмеваа, но Сасаки и неговите жени чекореа по својот пат, пред се‘ благодарејќи на големата тактичка дисциплина. Играта на Јапонките се состои колку од вешта распределба на задачите, толку и од интензивно трчање, со помош на што се спречува развој на играта на противникот во толкава мера, што на крајот тој прави грешки. Токму тоа Јапонките го користат ладнокрвно. Така беше и против Германија и против Шведска.

Клучна улога, притоа, има искусната и гладна за голови Хомаре Сава. Досега постигна четири гола, но во секоја прилика нагласува дека успехот на тимот и‘ е поважен од шансата да се биде најдобар стрелец на првенството. Надвор од теренот кај набљудувачите предизвикува скриени насмевки, затоа што на прес-конференциите стои, за како што вели, „да не извалка нешто затоа што е испотена“.

Еби Вамбах (втора од лево) слави по постигнатиот гол во полуфиналето против Франција
Еби Вамбах (втора од лево) слави по постигнатиот гол во полуфиналето против ФранцијаФотографија: dapd

Американките се наострени на титулата

Ваква воздржаност и‘ е туѓа на Еби Вамбах, напаѓачот во американскиот тим. Таа вели се‘ друго освен титулата светски првак би ја разочарало. Се‘ што стои на патот „сакаме и можеме да го надминеме“, вели Вамбах, додавајќи: „Не е доволно само да бидеме во финалето. Со тоа сме ја завршиле само првата половина од работата.“

Ова ќе биде дуел „рамо до рамо“, а на победникот на крајот, покрај пехарот, му се насмевнува и премија од 1,075 милиони евра.

Автор: Јоша Вебер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски