1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финска - иднина без Нокиа

Кај-Ове Кеслер / Зоран Јордановски1 септември 2012

Финска е во ЕУ, има перфектен кредитен рејтинг од тројно А и флертува со излезот од еврозоната. Но, не е се’ така добро во нејзината економија. Градот Сало замира со замирањето на Нокиа.

https://p.dw.com/p/15mBC
Фотографија: AP

Сакавме да се сретнеме со Ритва Вестман пред портата на погонот на Нокиа, но таа категорично одби. Се’ уште се премногу силни болката и разочарувањето. Таму беше вработена 25 години. Пред две години остана без работа. Сега ја сретнавме на плоштадот во малиот град.

„Во моментов оди некако, живеам од ден за ден. Тоа значи, во 4-неделни фази, оти на секои 4 недели доаѓаат парите за невработеност. Така живеам“, вели Ритва Вестман, поранешна работничка во Нокиа.

Во Сало, гратче на југот на Финска, 100 километри западно од Хелсинки, речиси секој живее директно или индиректно од Нокиа.

„Луѓето очекуваат што ќе се случи“, вели жителка на Сало.

„Се плашат ли од иднината?“

„Да, многу“, вели жената.

Deutschland Wirtschaft Nokia Schild Kreisverkehr
Граѓаните во Сало не можат да се снајдат со оваа состојба на НокиаФотографија: picture-alliance/dpa

Од погонот на Нокиа на крајот од градот само годинава треба да си одат неколку стотици луѓе. Пред две години, првите што доброволно си отидоа добија отпремнина. Но, Ритва и тогаш беше малер.

„Бев една недела на одмор во Грција и во тоа време беа понудени отпремнини предвидени за 300 вработени. Интересирањето беше големо, сите беа брзо поделени. Кога се вратив, за мене веќе немаше таква можност“, вели Вестман.

Историјата на претпријатието, лидер на светскиот пазар, е долга повеќе од 100 години. Тогаш тоа произведуваше хартија, гуми за велосипеди и гумени чизми. Молневитиот подем започна дури во деведесеттите години на минатиот век - Нокиа го креираа првиот мобилен телефон со интернет-програма, стана најголем производител во светот и со години доминираше на пазарот на мобилни телефони. Но, кај менаџерите потфрли инстинктот за трендови и иновации.

Symbolbild Wirtschaftsspionage
Моделите на Нокиа ги купуваат оние што не можат да си дозволат поскап телефон од конкуренцијатаФотографија: picture-alliance/dpa

Ај-фонс, се разбира! И тинејџерите во Сало се’ помалку купуваат мобилни телефони од Нокиа. Тоа го прават само оние, кои не можат да го купат скапиот продукт на Ејпл.

„Ми се допаѓаат апликациите. Кога ми е здодевно на училиште си се занимавам со ај-фонот“, вели дена девојка од Сало.

Противникот е мал, елегантен и неверојатно способен: Ај-фонот на Ејпл и’ зададе тежок удар на Нокиа. Финците го преспаа екранот на допир, смета Томи Марјуахо. И тој неодамна доби отказ. На речиси 40-годишна возраст тој има намера да студира и уште еднаш да тргне од почеток.

„Нокиа мораше веднаш да реагира и да креира наредна генерација на тач-скрин телефони. Тогаш сигурно се’ би одело поинаку. Нокиа беше предводник, а стана некој што треба да го поттурнуваш“, вели Томи Марјуахо, поранешен вработен во Нокиа.

Неатрактивниот објект на градската библиотека на Сало одвнатре покажува дека градот досега имаше повеќе од доволно пари. Нокиа и овде е се’ присутна - библиотеката има десет филијали, но тоа не ќе може да биде одржано.

„Веројатно тоа ќе дојде на мала врата. Компанијата Нокиа плаќаше многу данок. Тоа помогна Сало да ги одржува услужните дејности. Сега ќе има помал прилив на пари и тоа ќе има последици и врз библиотеката“, вели Кари Похјола, од Градска библиотека во Сало.

Дотогаш хајтех-самопослужувањето и најновата техника остануваат нормална работа. Но, со оглед на драматичното опаѓање на приходите од данок, веќе се преиспитува користењето на двете мобилни библиотеки.

Nokia Mobiltelefon
Нокиа го преспа технолошкиот напредок, каков што е екранот на допирФотографија: picture-alliance/dpa

Најмодерното собрание на градот е старо одвај половина година, а сепак веќе изгледа како сеќавање на златните времиња. Градоначалникот за сите соработници купуваше луксузни работни маси, што можат да се подесуваат по височина, но сега мора да се штеди.

„Ќе мораме се’ да преиспитаме. Нема да останат поштедени ни социјалата, како ни образованието. Иднината е предизвик. Но, ќе успееме, само мораме да го стегнеме ременот“, вели Анти Рантакоко, градоначалник на Сало.

Ритва Вестман не е толкав оптимист. Слаби и’ се шансите да најде нова работа..

„Луѓето овде се обидуваат да бидат повесели, отколку што вистински се. Тие не можат вистински да се снајдат во оваа состојба на Нокиа“, забележува Вестман.

Така останува само надежта, дека можеби било кога повторно работите со Нокиа ќе тргнат нагоре, но во моментов Вестман не може вистински да верува во тоа.