1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финска претседателствуваше со успех

31 декември 2006

Секои шест месеци се менува претседателствувањето на Европската унија, што значи нова држава го презема кормилото во Брисел. Во тие шест месеци, земјата претседавач се обидува по можност, да придвижи многу нешта и, по можност, се да донесат колку што е можно повеќе решенија. На 31 овој месец завршува финското претседателство.

https://p.dw.com/p/AduP
Темна зима - невообичаени идеи: фински зимски пејсаж
Темна зима - невообичаени идеи: фински зимски пејсажФотографија: AP

Финска: 55 илјади езера, бескрајни шуми, ирваси, пензионери, претпазливи луѓе кои претпочитаат вотка и хеви метал музика...

На таков начин финското претседателство ја претстави својата земја. Малку своеглаво, но премиерот и неговиот тим многу прагматично ги водеа работите во Европската унија. Само јазикот со многуте двојни вокали внесуваше забуни. Предизвикани од едно прашање на радио-новинарите во Брисел, претседателството на интернет понуди помош за изговарањето. Така премиерот е:

„Мати Ванханен„

Неговиот министер за надворешни работи:

„Ерки Туомиоја„

А, претседателката на државата:

„Тарја Халонен„

На овој начин тие во цела Европа можеа точно да бидат изговарани.

Инаку, односите со Русија требаше да бидат тежиштето на финското претседателство, веќе и поради географското соседство на Финска со богатата со енергија Русија. Сепак, најнапред министерот за надворешни работи Ерки Туомиоја своите дипломатски способности мораше да ги насочи кон либанската криза. Неговиот германски колега Франк Валтер Штајнмајер се сеќава:

„Знаеме дека неколку дена по преземањето на претседателството, започнаа судирите меѓу Израел и Хезболах. Под финското претседателство можеше да се постигне европското единство што на крајот беше и успешно – заврши крвопролевањето„.

Односите со Русија за време на финското претседателство се влошија. Необајсненото убиство на новинарката Ана Политковскаја во Москва, рускиот конфликт со Грузија и несогласувањето на Полска со Русија да се преговара за нов договор, беа против желбите на Финска. И покрај тоа, финскиот премиер Мати Ваханен по средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Лахти, верува дека Европската Унија и Русија долгорочно зависат едни од други:

„На Русија и се потрбени нашите пазари. Ние сме им потребни како што нам ни се потребни во многу подрачја. Постои длабока меѓузависност. Тоа им користи на обете страни„.

На крајот на претседателството на Финците им успеа таканеречното „Чудо од Брисел„ како што напиша римскиот весник „Ла Република„. Ерки Туомиоја ја заколна Европската унија на заеднички став кон Турција. Преговорите за членство ќе се забават, зашто Турција не се придржува кон своите обврски. Повторно министерот Штајнмајер беше полн со пофалби:

„Се беше во рацете на ангажирано водство што страните учеснички повеќепати ги собра заедно„.

Под финското претседателство беа усвоени два мамутски закона на Европската унија: насоките за услужните дејности со кои се проширува внатрешниот пазар, и насоките за хемиски производи што треба да придонесат за поголема безбедност во хемиската индустрија и екологијата.

Финскиот министер за надворешни работи Ерки Туомиоја останува скромен, зашто знае дека следниот претседавач, Германија, може повеќе да направи и поради својата големина:

„Работиме постојано и така се раѓаат заклучоци. Меѓутоа, ниту едно претседателство, без оглед дали земјата е мала или голема, не може да направи чуда. Една голема држава најмногу што може да реши е повеќе да плаќа. Парите имаат значење, а Германија е најголемиот нето плаќач„.

„Бидејќи зимата во Финска не е толку светла, понекогаш доаѓаме до невообичаени идеи„, велат Финците за себе. Една од нив: претседателството објавуваше прес-соопштенија за министерските совети на латински. Само така – од ќеф:

„Конвентиус министорум инофицијалис: кооператио Еурпеа ин професионали едукатионе ет егзерцитатионе. Министри комуникатионем Хелсинкиенисем компрабатури сунт....„.