1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фичен и Џејн - новиот дрим тим на Дојче банк

Моника Ломилер / Александар Методијев31 мај 2012

Јирген Фичен и Аншу Џејн се новите шефови на Дојче Банк. Со оглед на нивната различност, како во потеклото, така и во менталитетот, во секој случај ќе биде интересно да се следи нивната заедничка работа.

https://p.dw.com/p/155DR
Фотографија: picture-alliance/dpa

Еден пар не може ни да биде поразличен од тоа што се овие двајца. Тие се со различно потекло, зборуваат различни мајчини јазици, минале низ различни школувања и собрале не баш слични искуства. Но, очигледно оваа различност во талентите, карактерите и способностите ги соедини и доведе до самиот врв на најголемата германска банка – Дојче банк.

Џејн – талент и „златна кокошка“

49-годишниот Идиец Аншу Џејн кариерата ја започна како брокер на берза. По работата во Мерил Линч, тој во 1995-та година дојде во Дојче банк во Лондон. Заедно со својот ментор Едсон Мичел му тргна од рака да направи од оваа институција една од најголемите инвестициски банки на светот. Неговиот исклучителен аналитички талент, како и способноста за спојување на одредени финансиски продукти во целина, познавачите на банкарската сцена веќе со години му ги ценат и фалат. Сите се согласуваат со оценката дека овој страстен играч на крикет поседува и неверојатна дарба за бизнис.

А, таа дарба веќе со години ги полни книгите и сметките на Дојче банк, посебно откако во 2010-та година стана единствен шеф на одделот за инвестиции. Со тоа и неговиот статус на „златна кокошка“ и ѕвезда на оваа институција стана уште поочигледно. Неговиот оддел заработуваше милијарди, благодарение на кои Џејн многупати заработуваше повеќе пари од својот шеф Јозеф Акерман. Со самото тоа беше некако само по себе јасно дека еден ден тој би можел да биде еден од кандидатите за наследник на споменатиот Швајцарец.

Josef Ackermann Vorsitzender Deutsche Bank Frankfurt am Main
Наследниците на Јозеф Акерман имаат различно образование, искуство, карактер и праксаФотографија: picture-alliance/dpa

Фичен – личност која цврсто стои на земја

63-годишниот Германец Јирген Фичен би требал на врвот да ја пополни т.н. „национална дупка“. Тој од самиот почеток на својата кариера, па се до денес, по многу работи се разликува од Џејн. Тој никогаш не работел како брокер на берза и нема тргувано со акции. Тој најпрво заврши образование за трговец на големо, а подоцна запиша студии по економија. За првпат во некоја банка се вработи во 1975-та година, а 12 години подоцна започна да работи и за Дојче банк.

Јирген Фичен од 2004-та година е одговорен за работењето внатре во Германија. Местото на шеф на овој оддел надлежните во тоа време го создадоа, така да се каже, само за него. Намерата меѓу останатото им беше малку да ги стивнат критиките поради наводното занемарување на домашниот пазар.

Едно место за двајца

Но, токму во моментот кога се знаеше кој ќе биде наследник на Јозеф Акерман (во летото 2011-та година), одделот на Аншу Џејн започна по првпат да покажува слабости. Во средината на кризата и несигурната ситуација на полето на инвестициите, добивка од инвестицискиот оддел значително почна да се намалува. Критичарите кои со текот на годините секогаш одново предупредуваа на неговиот стил на водење на работите конечно дојдоа на своето.

Deutsche Bank Symbolbild
Во Дојче банк ќе треба да се поработи на бројот на клиентиФотографија: picture alliance/dpa

Но, сепак поставувањето на Јирген Фичен за еден од шефовите на банката за никого не доаѓаше предвид. Токму тие двајца, односно нивната комбинација е она што во моментов и е потребно на оваа институција. Првата голема задача пред која ќе бидат исправени е усогласувањето на промените и реформите во Дојче банк со строгите правила на финансиската политика. Друга задача би требала да биде пронаоѓањето на решение за прашањето – како да се прошири секторот за инвестиции во време на намалена добивка. Освен тоа, тие би требале да поработат и на зголемувањето на бројот на приватните клиенти.