1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фијон, анти-Трамп

Керстен Книп
28 ноември 2016

Франсоа Фијон убедливо победи на предизборите за претседателски кандидат на француските републиканци. Никакво чудо, смета Керстин Книп, зашто конзервативците со него повторно имаат претставник достоен за почит.

https://p.dw.com/p/2TLrT
Frankreich Francois Fillon
Фотографија: Reuters/P. Wojazer

Неговите внатрепартиски противници го нарекуваа „господин Никој“, првенствено оние лојални на Никола Саркози, преземајќи го неговиот арогантен тон. Саркози го нарече Фијон „еден сиромашен тип“. Во времето додека Саркози беше претседател, за премиерот Фијон велеше: „мојот соработник“. Резултатот од партиските предизбори го покажа противењето на голем број партиски приврзеници кон надменоста и самобендисаноста со која постојано настапува Саркози. Нему му припадна последното место од тројцата кандидати, со 20,6 проценти гласови. 

Истовремено, изјаснувањето покажа дека луѓето на чело на својата земја сакаат сосем поинаков политички тип: воздржаниот, љубезен и истовремено борбен католик Франсоа Фијон. Него не го обесхрабри што во минатите месеци долго време анкетите на јавното мислење му даваа само мала или воопшто никаква шанса. Уште во петокот пред гласањето, анкетите предвидуваа тој да освои во најдобар случај 30, а на крајот Фијон доби 44 проценти од гласовите.

Конзервативец, но не и реакционер

Политичкиот магазин „Л'Еспрес“ го карактеризира како „анти-Трамп“, а можеби токму тука лежи причината за успехот на Фијон: тој е популарен, но не е популист. Тој е конзервативен, но не е реакционерен. Тој го отсликува животното чувство на она милје од кое и самиот потекнува - она од конзервативните католици. Фијон имаше точна проценка при потпирањето на ова милје, иако тоа изминатите месеци и години не се истакнуваше на толку спектакуларен начин. Но, ова милје егзистира, и тоа е бројно.

А со движењето „Le Manif pour tous", „Демо за сите“, повторно доби платформа. Тоа е насочено против истополовите бракови и правото на посвојување деца на истополови брачни двојки. Фијон нагласено ги поддржа овие заложби.

Фијон настапи во целина одлучувачки конзервативно. Пред неколку недели тој објави книга со наслов „Да се победи исламскиот тоталитаризам“. Но, истовремено, покажа и диференцираност, за разлика од Саркози, се воздржа од остри изрази во врска со симболите на исламската вера.

Knipp Kersten Kommentarbild App
Керстен Книп

За Фијон не е лошо и неприфатливо ни креирањето алтернативно мени во јавните институции, со цел да биде во склад со муслиманските правила за исхрана. Воздржаноста на Фијон е јасен и темелен контраст на грубиот и вулгарен тон на Доналд Трамп и острите изјави на Марин Ле Пен.

Опасност подеднакво за социјалистите и за Националниот фронт 

Фијон може да биде опасен конкурент за Марин Ле Пен и Националниот фронт на претседателските избори. Зашто, тој се обраќа кон многуте конзервативни Французи, кои без оглед на целата резервираност кон некои општествени промени, првенствено во поглед на дебатата околу доселувањето и интеграцијата, не можат да се одлучат за веќе и реторички одбивниот курс на Националниот фронт.

Фијон може да биде жесток предизвик и за актуелниот претседател Франсоа Оланд, доколку тој напролет повторно се кандидира. При стапувањето на функцијата, Оланд изјави дека неговиот успех ќе се мери пред сѐ според успехот на намалувањето на невработеноста. Стапката на невработеност моментно изнесува 10,5 проценти, еден процент повисока отколку при неговото стапување на чело на државата. Фијон застапува подециден економско-либерален курс. И на тој начин тој е атрактивен за многумина Французи: можеби сепак ќе успее повторно да ја подигне економски разнишаната земја?

Ниту острите изјави на Жан-Кристоф Камбаделис, претседателот на Социјалистичката партија, не можат да го потемнат сјајот на триумфот на Фијон. Фијон е „ултралевичар и антисоцијалист“, рече Камбаделис. Многумина Французи нема да се согласат со нив. Според резултатот од изјаснувањето, тие очигледно се среќни што конзервативците повторно пронајдоа еден умерен, непопулистички глас.