Фијон го обвинува Оланд дека му подготвува заговор

Конзервативниот кандидат Франсоа Фијон ја обвини социјалистичката влада дека ги предала информациите за неговите финансии на медиумите. Против Фијон е подигнато обвинение за проневера на јавни средства.

Францускиот претседателски кандидат Франсоа Фијон ја обвини социјалистичката влада дека ја саботира неговата кампања преку протекување материјали за неговите финансии. Кандидатот на конзервативците обвини дека францускиот претседател Франсоа Оланд стои зад таквото сценарио.

„Медиумите денес добиваат документи кои само пред 48 часови биле запленети во претреси, на пример во мојата канцеларија во Собранието“, изјави Фијон во интервју за францускиот јавен сервис Франс 2.

„Кој им ги дава овие документи? Владата“, рече конзервативниот кандидат. Кога беше прашан дали смета дека политичарите или некој во судскиот систем е одговорен за протекувањето на документите, Фијон изјави: „Јас би одел уште подалеку. Го обвинувам претседателот на републиката“.

Оланд ги осудува обвинувањата

Од канцеларијата на Оланд брзо ги отфрлија ваквите коментар, велејќи дека францускиот претседател „остро“ ги осудува „лажните обвинувања на Фијон“.

По изборот на Оланд во 2012 година, „извршната влада ниту еднаш не интервенирала во каква било судска процедура и секогаш строго ја почитува независноста на судството“, беше наведено во соопштението за јавноста кое го објави кабинетот на претседателот. „За сериозните обвинувања со кои се соочува господинот Фијон, кои го засегаат неговиот интегритет, претседателот на републиката слушна од медиумите“.

Фијон се бори да ја спаси кампањата

Минатата недела судиите формално го обвинија Фијон за проневера на јавни средства како резултат на претходна истрага покрената поради обвинувањата дека на својата сопруга ѝ исплатил 830.000 евра во период од 15 години за јавна работа која таа никогаш не ја извршувала. Републиканската партија неколку пати ја бранеше неговата невиност.

Сепак, истрагата беше проширена минатата недела кога беше откриено дека тој од познат адвокат на подарок добивал луксузни костуми вредни околу 13.000 евра. Фијон призна дека направил грешка што ги примил подароците и кажа дека ги вратил.

За време на интервјуто Фијон изјави дека сликата за него што се претставува во јавноста често го потсетува на Пјер Береговуа, поранешен премиер на Франција во време на претседателот Франсоа Митеран, кој изврши самоубиство во 1993 година. Фијон изјави дека тој „разбира зошто би можел да биде доведен до овој екстрем“.

Фијон се сметаше за јасен предводник и на пат да ја освои претседателската функција, пред да бидат објавени обвинувањата за корупција и измама во јануари. Оттогаш неговата популарност опаѓа. Анкетите покажуваат дека тој веројатно ќе биде елиминиран во првата рунда на претседателските избори која ќе се оддржи на 23 април, а дека во вториот круг на гласање, кој ќе се оддржи на 7 мај, ќе се пласираат Емануел Макрон и екстремната десничарка Марин Ле Пен.

Следете нѐ