1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европските земји со ковид-рестрикции за невакцинираните

ЖА / агенции
19 ноември 2021

Словачка, Грција и Чешка воведуваат нови ограничувања за јавниот живот на луѓето кои не се вакцинирани против коронавирус.

https://p.dw.com/p/43DfY
Slowakei | Coronavirus | Massentests
Фотографија: Vladimir Simicek/AFP/Getty Images

Словачка ќе им забрани пристап на невакцинираните луѓе во ресторани, продавници во кои не се продаваат животно неопходни производи, спортски активности и јавни манифестации, изјави вчера словачкиот премиер Едуард Хегер.

„Ова е локдаун за невакцинираните“, истакна тој.

Словачка во вторникот регистрираше рекорден број новоинфицирани во еден ден – 8.000. На располагање во болниците на одделенијата за интензивна нега се само уште малку кревети, а вакцинирани се 45 % од граѓаните, далеку под просекот на ЕУ кој изнесува 65 %. Во областите со висока инциденца, можно е затворање на рестораните, фитнес клубови и хотели дури и за вакцинираните.

Во Чешка е преземен сличен чекор. Од понеделник важат строги мерки за невакцинираните, за нив е исклучен влез во ресторани, барови, музеи, фризерски салони и хотели. Во земјата во вторникот се регистрирани 22.500 нови случаи на коронавирус, штое рекорд.

„Главна цел на овие мерки е мотивирање за вакцинирање“, истакна чешкиот министер за здравство, Адам Војтех.

И грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис синоќа објави дека во сила стапуваат заострени ограничувања за невакцинираните граѓани, со оглед на високата стапка на новозаразени во земјата. Од понеделник во јавни затворени простории како кина, театри, барови, таверни, фризерски салони или теретани можат да влезат само вакцинирани граѓани или оние кои ја прележале инфекцијата со коронавирус.