1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франсоа Оланд e нов претседател на Франција

Тони Гламчевски7 мај 2012

Триесет и една година по изборот на Франсоа Митеран, француската левица повторно успеа да изберe претседател на Републиката. Франсоа Оланд доби 51,70 проценти од гласовите, а Никола Саркози освои 48,3 отсто гласови.

https://p.dw.com/p/14qyo
Фотографија: Reuters

Гласачите масовно излегоа да гласаат - околу 81% од 46 милиони избирачи се појавија на гласачките места. Изборот на Оланд предизвика народна прослава на плоштадот Бастилја во Париз до доцните ноќни часови.

Франсоa Оланд (58 години) е новиот, седми по ред претседател на Петтата француска република, кој ги враќа социјалистите во Елисејската палата по 17 години.

„Французите ги избраа промените избирајќи ме за претседател на Републиката“ - беа првите зборови на новоизбраниот претседател на Франција Франсоа Оланд, обраќајќи им се на Французите. Тој вети дека ќе и служи на земјата, ќе биде претседател на сите и оти сака да ги обедини граѓаните.

„Се гордеам што успеав на народот повторно да му влеам надеж. Ќе успееме“, рече Оланд.

Frankreich Wahlen 2012 Nicolas Sarkozy Niederlage
Никола Саркози ги повика симпатизерите да го почитуваат новиот ПретседателФотографија: Reuters

Барајќи неговата работа да биде оценета по пет години од мандатот, кога ќе се види колку успеал да направи за младите, за невработеноста и за сите прашања за кои зборуваше во текот на кампањата.

„Со сета сила ќе се трудам да го остварам францускиот сон во текот на мандатот којшто ми беше доверен“, рече Оланд пред да замине на централната прослава во Париз. Од Тул-Корез, местото од каде што ги водеше сите негови изборни потфати, Оланд потсети дека се залага за реориентација на Европа кон борбата за нови работни места и иднината.

„Идејата за штедење, конечно не е фаталност. Мојата мисија е да и’ дадам димензија на развојот во Европа, и тоа ќе им го речам колку што е можно побрзо на моите европски партнери, а на најпрво на Германија“, рече Оланд.

Тој се појави и пред своите симпатизери собрани да ја прослават победата на плоштадот Бастилја во Париз, каде се славеше веднаш по објавувањето на резултатите, слично како во 1981 година, кога беше избран Франсоа Митеран. Франсоа Оланд им се заблагодари бидејќи тие „и’ дозволија на левицата да има еден наследник на Франсоа Митеран“.

Саркози ја презеде одговорноста за поразот

Досегашниот француски претседател Никола Саркози го призна поразот преземајќи ја целокупната одговорност за поразот на претседателските избори, посакувајќи му среќа на својот наследник Франсоа Оланд.

„Бев претседател, бев шеф, кога има пораз, тогаш бројот 1 е тој кој ја сноси целокупната одговорност“.

На почетокот, симпатизерите на Саркози го исвиркуваа името на Франсоа Оланд, но набрзо Саркози ги замоли да го почитуваат демократскиот и републиканскиот избор на францускиот народ, поскаувајќи му многу среќа на својот наследник во Елисејската палата, кој како што рече „го очекуваат големи тешкотии“.

Саркози најави повлекување од политичката сцена и дека нема да ја предводи десницата на парламентарните избори кои се одржуваат за еден месец.

Американскиот претседател Барак Обама, чија администрација имаше многу малку контакти со француските социјалисти, телефонски разговараше со новиот француски Претседател. Во соопштението на Белата куќа не се информира дали тие зборуваале за Авганистан. Во него стои дека Барак Обама „се радува што ќе работи потесно“ со Оланд по извесен број на економски и беабедносни прашањања. Обама сака да се сретне со Оланд непосредно пред самитот на НАТО и на Г-8.

Frankreich Wahlen 2012 Francois Hollande Wahlsieg
Прврзаниците на Оланд славеа до доцна во ноќтаФотографија: dapd

Другиот приоритет на Оланд е средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, со која исто така вчера вечер имал телефонски разговор.

Кој е Оланд и кои се неговите приоритети

Оланд е умерен политичар лево од центарот, чија програма ја обврзува Франција да го елиминира јавниот дефицит до 2017 година. Тој планира да ги зголеми даноците, првенствено за богатите, за да се финансираат програмите за приоритетно трошење во областите како што е образованието, каде планира 60.000 работни места.

Оланд смета дека штедење во грчки стил би било поразително - со намалување на економската активност и државните приходи. 

Надвор од економската политика што има централно значење во неговата програма, агендата на Оланд е модерна централно-левоориентирана: тој сака да дозволи брак на хомосексуалци, легализирање на посвојувањата деца од страна на истополови парови и би дозволил евтаназија под строги услови. Тој изјави дека нема намера да се венча со неговата партнерка.

Приморедвањето на власта меѓу Никола Саркози и Франсоа Оланд е предвидена за идната недела, најдоцна до 16 мај, а според некои извори тоа е можно да се случи уште на 14 мај.