1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција во шок по грозоморното убиство во Тулуз

19 март 2012

Предизборната кампања за претседателските избори е запрена, а за утре е најавен едноминутен молк за жртвите во сите училишта низ Франција.

https://p.dw.com/p/14MyZ
Училиштетот во Тулуз каде се случи нападотФотографија: AP

Францускиот претседател Никола Саркози и неговите ривали ја запреа предизборната кампања во земјата и побрзаа во Тулуз да им оддадат почит на жртвите на грозоморниот напад.

Четири лица загинаа утрово, од нив три деца, откако непознат напаѓач на моторцикл отворил оган пред едно еврејско училиште. Загинатите деца биле на возраст од 3, 6 и десет години, а четвртата жртва е локален еврејски свештеник и татко на две од загинатите деца.

Локалниот обвинител соопшти дека напаѓачот  пукал во се’ што се движело, а потоа на моторциклот избегал од местото на злосторството. Во нападот има и неколку повредени лица, меѓу нив две потешко.

Францускиот претседател Никола Саркози настанот го оцени како национална трагедија. За утре тој најави едноминутен молк во училиштата ширум земјата во знак на почит за жртвите од нападот. Министерот за внатрешни работи оцени дека нападот имал антисемитска заднина. Анонимен извор од француското МВР потврди дека напаѓачот користел муниција од ист калибар како и при  минатонеделните напади во Монтабан и Тулуз во кои беа убиени тројца француски војници, сите со странско потекло.

Frankreich Anschlag Schule Toulouse
Фотографија: AP

Француските власти се уште ги истражуваат мотивите и позадината на нападите, но засега не можат со сигурност да потврдат дали се работи за терористички напади, или напади кои имаат чисто антисемитска заднина.

Саркози, чија кампања за реизбор на претседателската функција беше во полн ек, вети дека убиецот или убијците ќе бидат пронајдени многу брзо. Со слични барања на местото на убиството излегоа и останатите претседателски кандидати. Француската полиција ги зајакна мерките за безбедност околу сите еврејски училишта и верски објекти во земјата. Остра осуда за трагедијата стигна од сите страни на светот.

Автор: БГ/афп/ап

Редактор: Александра Трајковска