1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Франција им се поклони на своите шампиони

СН/ агенции
17 јули 2018

Покрај спектакуларниот дочек во Париз, на кој присуствуваа близу еден милион граѓани, за француските репрезентативци беше приреден прием и во Елисејската палата. Тие ќе бидат одликувани и со највисокиот француски орден.

https://p.dw.com/p/31ZaI
Frankreich empfängt seine Weltmeister |
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Feferberg

Новите светски фудбалски шампиони пристигнаа на аеродромот со задоцнување и со двокатен автобус со отворен покрив на кој пишуваше „Шампиони“ се упатија во центарот на Париз. Додека пристигнуваа на преполнетата авенија Шанзелизе, авиони ги распрскуваа боите на националното знаме на Франција.

Спектакуларен дочек за светските прваци

Речиси еден милион граѓани, на прочуената париска улица, воодушевено ги поздравуваа светските прваци, кои еден ден претходно во Москва во финалето на СП 2018 ја совладаа Хрватска со 4:2.

Frankreich empfängt seine Weltmeister
Фотографија: Reuters/G. Fuentes

По дефилето на Шанзелизе, репрезентативците се упатија кон Елисејската палата, каде што им беше приреден прием. Капитенот Уго Љорис со пехарот во рацете прв се поздрави со претседателот Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит на црвениот тепих пред палатата.

Frankreich empfängt seine Weltmeister |
Фотографија: Reuters/P. Wojazer

Макрон притоа им се заблагодари на фудбалските херои што го донеле пехарот во Франција и додаде „Благодарам што нѐ направивте горди, што вложивте толку труд. Ви благодарам што бевте единствени“. Во опуштена атмосфера прославата во Елисејската палата продолжи до доцна во ноќта. Непосредно пред пристигнувањето на фудбалерите од Русија, францускиот претседателски кабинет соопшти дека тие ќе бидат одликувани со орденот на Легијата на честа, исто како и светските шампиони од 1998 година. Одликувањето ќе им биде врачено за неколку месеци.