1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција: Макрон и Ле Пен ќе се борат за конечна победа

СН /дпа,афп,ртр
24 април 2017

По првиот круг од претседателските избори Франција е исправена пред дуел со јасни фронтови. Во вториот круг на 7 мај место изборија проевропски ориентираниот кандидат Емануел Макрон и анти-ЕУ кандидатката Марин Ле Пен.

https://p.dw.com/p/2bm3j
Frankreich Präsidentschaftswahl Macron und Le Pen
Фотографија: Reuters/C. Hartmann

Од вкупно единаесет кандидати кои стоеја на гласачките ливчиња во Франција, претседателската трка по вчерашниот прв круг гласање е сведена на двајца. Независниот кандидат и поранешен министер за економија Емануел Макрон и шефицата на екстремно-десничарскиот  Национален Фронт, Марин Ле Пен.

Според последите нецелосни официјални резултати по пребројувањето на повеќе од 90 насто од дадените гласови, Макрон освоил 23,9 насто додека Ле Пен 21,4 проценти.

Ле Пен постави нов рекорд за нејзиниот Национален Фронт со освојувањето на околу 6,9 милиони гласови од француските граѓани. Макрон со неговото ново движење "En Marche!" (Напред!) никогаш досега не бил избран за јавна функција.

„Ново поглавје" за Франција

Ле Пен, која својот изборен резултат го означи како „историски“, истакна: „Време е францускиот народ да се ослободи од арогантните елити кои сакаат да му напишат како да се однесува“. 48-годишната политичарка зборуваше за одлука меѓу „тотална дерегулација без граници и без заштита“ и „граници кои ги штитат нашите работни места, нашата куповна моќ, нашата безбедност, нашиот национален идентитет“. Со Макрон, кого го означи како наследник на актуелниот претседател Франсоа Оланд, според Ле Пен нема ништо да се промени. „ Во прашање е преживувањето на Франција“, истакна Ле Пен.

Макрон и Ле Пен во вториот круг

Очекувано, Макрон на тоа гледа сосема поинаку: „Денеска јасно отвораме ново поглавје во политичкиот живот во Франција“, изјави вчеравечер во славеничкото обраќање 39-годишниот политичар. „За една година го променивме ликот на француската политика“, изјави Макрон, чије движење „Напред!“ беше основано само пред неполна година. Сега, како што истакна, сака да биде „претседател на целиот народ“ и оти сака да расчисти со системот кој е „неспособен да реагира на проблемите“. 

Дебакл за социјалистите

За првпат по децении ниту кандидатот на социјалистите ниту кандидатот на граѓанската десница не успеаја да влезе во вториот круг од претседателските избори. Посебно тежок беше поразот на Беноа Амон, кандидатот на партијата на претседателот во заминување Оланд, кој освои само 6 проценти од гласовите. Конзервативецот Франсоа Фијон, кој долго време важеше за фаворит, а потоа поради аферата со привидните вработувања за членови на неговото семејство падна во понор во анкетите, освои околу 20 насто од гласовите, со што не успеа да се добере до вториот круг гласање. Веднаш, со многу мала разлика зад Фијон, на четвртото место се пласираше основачот на партијата на Левицата, Жан-Лук Меланшон.

Фијон и и Хамон ги повикаа своите приврзеници на 7 мај да гласаат за кандидатот на центарот Макрон, за да спречат претседателка на државата да стане ултрадесничарката Марин Ле Пен. „Нема друг избор освен да се гласа против екстремната десница“, изјави Фијон. И премиерот Бернар Казнев истакна дека сега треба да се победи Националниот Фронт и да се спречи „неговата злокобна програма за назадување на Франција и поделба на Французите“.