1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција не зазема страна во спорот со името

16 мај 2009

Париз посакува спорот со името да биде решен за краток рок, што ќе и‘ овозможи на Македонија членство во ЕУ и НАТО. Ова францускиот претседател Никола Саркози му го кажал на македонскиот премиер Никола Груевски во Париз.

https://p.dw.com/p/HrXA
Никола Груевски и Никола СаркозиФотографија: Toni Glamcevski

Никола Саркози нема намера да игра посредничка улога во спорот со името, и во никој случај Саркози не ја променил својата позиција кон прашањето за името. Франција смета дека Македонија и Грција се тие што преговараат и останува на ставот дека е неопходно да се најде решение за спорот со името. Според Елисејската палата, Париз не зазема ничија страна во спорот меѓу Македонија и Грција и смета дека двете земји под покровителството на ООН можат да изнајдат решение за долгогодишниот конфликт. За тоа решение, според Елисејската палата постојат идеи и се посакува прашањето да биде решено за краток рок, што ќе и‘ дозволи на Македонија брз напредок кон членството во НАТО и ЕУ.

Груевски е задоволен од разговорите

Од наши извори дознаваме дека Саркози бил изненаден од максималистичките позиции на Грција, односно намерите за преименување на јазикот, идентитетот, нацијата.

Elysee Palast in Paris
Елисејската палата во ПаризФотографија: AP

„Разговаравме, ги објаснив проблемите во детали, ја објаснив позицијата на Грција, нашите проблеми во тој однос, така што тој добро е запознат со целата работа и тоа ни беше целта, за да може во иднина да прави соодветно чекори и да помага за придвижување на овој процес.“ – рече Груевски, при што додаде:

„Во секој случај, јас сум задоволен од неговите позиции и неговите кажувања и искажувањето спремност да вложи повеќе напори за разрешување на тој спор и за влез на Македонија во ЕУ и НАТО.“

Што се однесува до француската подршка на евроатлантските интеграции на Македонија, таа беше потврдена со најавата од официјален Париз дека Франција ќе го поддржи укинувањето на визите за македонските државјани. Париз ќе ја даде својата согласност за укинување на визите откако Европската комисија ќе одлучи дека се исполнети условите утврдени од Европската унија.

Автор:Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема