1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција тагува за смртта на Жискар Дестен

ЖА /ДВ
3 декември 2020

Бившиот француски претседател Валери Жискар Дестен почина синоќа од последици на Ковид-19. Во Германија ќе остане запаметен како голем Европеец кој се залагаше за помирување со Германија.

https://p.dw.com/p/3mB6F
Frankreich  Ex-Präsident  Valery Giscard  d'Estaing
Фотографија: Morris MacMatzen/REUTERS

Валери Жискар Дестен беше проевропски политичар од десниот центар и претседател на Франција од 1974 до 1981 година. Седумте години додека беше на власт беа обележани со либерализација на законите за развод, абортус и контрацепција. Во рамките на модернизацијата на француското општество, Дестен ја снижи старосната граница за правото на гласање од 21 на 18 години и воведе закон за еднакви плати и можности за жените.

Тој гласно се спротистави на смртната казна, но направи малку за нејзино укинување додека беше на функцијата. Одби да ублажи три смртни казни изречени за време на неговиот мандат во Елисејската палата, а последната употреба на гилотина во Франција се случи во 1977 година, во текот на неговото претседателствување.

Блиски врски со Германија

Жискар Дестен имаше блиски лични врски со Германија. Зборуваше германски јазик, пријателството со тогашнит германски канцелар Хелмут Шмит претставуваше симбол за блиските односи на двете земји. Тие двајцата поставија темел на заедничката европска валута, еврото.

Дестен исто така помогна во создавање пат за самитот Г7, состанок на седумте најмоќни светски економии. На негова иницијатива лидерите првпат се сретнаа во 1974 година како Г5, по глобалната нафтена криза претходната година.

Валери Мари Рене Жорж Жискар Дестен е роден на 2 февруари 1926 година во германскиот град Кобленц во Рајнската област, која тогаш била под фрацуска окупација. Неговиот татко бил државен службеник кој работел за француските окупаторски сили, додека мајка му потекнувала од лозата на францускит крал Луј Петти преку една од неговите љубовници.

Германската окупација на Париз многу лично ја доживеал:„Тогаш бев средношколец и секое утро ме будеше пеењето на германските војници под прозорецот. И денес сум трогнат од тоа", цитира германскиот јавен сервис АРД. 

Дестен им се придружил на француските сили на отпорот пред во 1944 година да се пријави во тенковски баталјон, заслужувајќи орден во последните денови на војната.

По Втората светска војна дипломирал на францускиот елитен универзитет ЕНА, за кој се вели дека е расадник за државни кадри. Потоа станал министер за економија и за финансии. По смртта на претседателот Жорж Помпиду, избран е на највисоката државна функција, станал претседател на возраст од 48 години.

Афери и скандали

Пред крај на мандатот, угледот му бил нарушен, меѓу другото и поради аферата околу дијаманти, подарок од централноафриканскиот диктатор Бокаса. Тоа Французите не му го простија и во 1981 година загуби на изборите од Франсоа Митеран.

Дестен од 2003 година беше член на Француската академија, пишуваше политички книги, но и љубовни романи. Поради книгата „Принцезата и претседателот", имаше шпекулации за поранешна врска со принцезата Дијана, но тој подоцна истакна – љубовната приказна била измислена.

Две години пред смртта, 92-годишниот Дестен повторно стигна во насловите – новинарка на јавниот германски сервис ВДР го обвини за неморални допири по интервјуто во 2018 година. Дестен тоа го отфрли како „гротескно".

Болест на крајот на долгиот живот

Валери Жискар Дестен во последните месеци неколкупати беше во болница поради проблеми со срцето. Претседателот Емануе Макрон му оддаде почит на својот претходник, изјавувајќи дека за време на седумгодишниот мандат, Дестен ја „трансформираше Франција". Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека со Жискар Дестен Франција изгуби еден државник, Германија еден пријател, а сите ние загубивме голем Европеец.