1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција тврди дека Макрон не бил изолиран во Брисел

БГ /РТР
18 октомври 2019

Француската влада вели дека е „мит“ тврдењето оти претседателот Макрон бил изолиран на состаноците на самитот на ЕУ. Другите лидери говорат за „историска грешка“ со тешки последици за Балканот.

https://p.dw.com/p/3RWCL
Belgien EU-Sondergipfel Brüssel | Emmanuel Macron
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/O. Matthys

Со блокадата на почетокот на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија францускиот претседател Емануел Макрон разлути многу европски партнери, пишува германскиот сервис на агенцијата Ројтерс.

По повеќечасовна дебата на ЕУ самитот во Брисел, разговорите завршија без договор.
Италијанскиот премиер Ѓузепе Конте говореше за „историска грешка“. ЕУ дипломати велат дека и владите на бројни источно-европски земји биле вознемирени поради ставот на Франција. Франција ги отфрла таквите забелешки.

Извори во ЕУ велат дека неразбирањето за француската позиција било особено големо за случајот на Северна Македонија.
Истите извори тврдат дека Макрон бил изолиран во дебатата, иако добил поддршка за блокадата на Албанија од данската премиерка Мете Фредериксен и холандскиот премиер Марк Руте. Но и данскиот предлог да се раздвојат Македонија и Албанија бил отфрлен од Париз.
Но, француската влада вели дека е „мит“ тврдењето дека Макрон бил изолиран на состаноците. „Контрапродуктивна и недобредојдена стратегија е да се ставаат под притисок Франција, Холандија и другите“, вели претставник на француската влада. 

Критики за ЕУ

На неуспехот на ЕУ самитот да им го отвори патот на двете балкански земји денеска реагираше и поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен. 

„Жалам за неможноста на Европскиот совет да направи стратешки избор, отворајќи преговори со Северна Македонија и Албанија за да ги охрабри реформите. Ова краткорочно размислување ќе ги ослабне Европа и Балканот, ќе го наруши кредибилитетот на ЕУ во регионот и ќе ги зајакне амбициите на Москва и Пекинг“, напиша Расмусен на Твитер. 

Предводникот на групата на конзервативците во Европскиот парламент, Манфред Вебер на социјалната мрежа оцени дека Северна Македонија и Албанија заслужуваат ЕУ перспектива.
„Во интерес на самата ЕУ, треба да избегнуваме да креираме нестабилност во регионкаде стабилноста е многу потребна“, напиша Вебер. 

Најостар во оценката беше се уште актуелниот комесар за проширување, Јоханес Хан.

„Лидерите на ЕУ не успеаја да си го одржат ветувањето за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова е екстремно разочарувачки.
Наша одговорност сега е да ги поддржиме земјите чии граѓани се разбирливо крајно разочарани и ќе продолжам да правам се што е во моја моќ да ги поддржам“, порача Хан.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема