1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Француски авиони извршија воздушен напад врз трупите на Гадафи

19 март 2011

Француската армија денеска изврши напад врз трупите лојални на режимот во Триполи. Претходно меѓународната заедница донесе одлука да испрати воени авиони над небото на Либија.

https://p.dw.com/p/10clt
Фотографија: AP

Француската армија изведе прв воздушен напад врз Либија. Воените ловци стрелале врз возило и целосно го уништиле, соопшти Генерaлштабот на армијата денеска во Париз. Со сигурност се знае дека станува збор за напад врз трупи лојални на властодржецот Моамер ел Гадафи. Портпарол на силите за безбедност соопшти дека во интервенцијата се вклучени 20 борбени ловци. Тој уште рече дека во моментов се создава команден оперативен центар. Операциите се изведувале на околу 100 до 150 километри од седиштето на противниците на владата, Бенгази, јави германската телевизија АРД. Со овој напад француската армија ја искористи резолуцијата 1973 на ОН, која дозволува употреба на сите расположливи сили за заштита на либискиот народ.

Според германската телевизија францускиот носач на авиони Шарл де Гол утре ќе ја напушти Франција во правец на Либија.

Вонредна средба во Париз

Претходно, високи претставници на меѓународната заедница на состанокот во Паризодлучија да почнат воена офанзива против трупите на либискиот диктатор Моамер Гадафи, со цел да го заштитат цивилното население и востаниците во Бенгази. На арапскиот народ му е потребна помош и наша одговорност е да му ја пружиме - истакна попладнево францускиот претседател Никола Саркози, по кризната средба на меѓународната заедница во Париз. Француски борбени авиони веќе ја надлетуваат територијата на Либија и се подготвени да ги нападнат тенковите на либиската армија, соопшти Саркози. Тој го предупреди Гадафи да се придржува до барањата на ОН, со цел да се спречи „најлошото“.

Германската канцеларка, Ангела Меркел, исто така потврди дека светските лидери стигнале до заедничка одлука околу воената интервенција во Либија, но уште еднаш нагласи дека ставот на Германија останува непроменет - Берлин останува настрана од активностите на сојузниците.

И британскиот премиер Дејвид Камерон истакна дека е време за „итна акција“ во Либија. „Гадафи ја излажа меѓународната заедница, вети примирје, но не се придржува до него. Продолжува со бруталноста кон своите граѓани и затоа дојдено е времето за акција, која треба итно да се спроведе. Мораме да ја имплементираме волјата на ОН и не смееме да дозволиме масакрот да продолжи“, истакна Камерон за новинарите по денешниот состанок во Париз.

Автор: АТ/ дпа/ ард/ дв/ миа

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема