1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фридрих бара проверка на сите кои влегуваат во ЕУ

ЖА/дв/дпа/ртре16 јуни 2013

Во рамките на заштитата од теророт, германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих зема пример од САД. Според него, секој кој ќе сака да влезе во ЕУ, треба да се најави преку интернет.

https://p.dw.com/p/18qmP
Фотографија: picture-alliance/dpa

Патниците кои од странство сакаат да влезат во ЕУ, според мислењето на министерот Фридрих, претходно треба да се најават на интернет со давање на личните податоци. Германските служби за безбедност пред патувањето треба да проверат „дали некој се наоѓа на потерниците или на листите на осудувани“, изјави Фридрих за весникот „Велт ам зонтаг“. Проверката, која треба да спречи влегување на терористи или потенцијално опасни лица во ЕУ, би требало да се потпира на американската програма ЕСТА, електронски систем за проверка на патниците.

Системот, кој за САД чини 14 долари по патник (околу 10 евра), „не е комплициран за употреба“, изјави Фридрих (на насловната фотографија). Тој смета дека е можно воведување слична такса и во Европа. На прашањето кога би можел да биде воведен системот, министерот кратко одговара: „Колку побрзо, толку подобро“.

Туристите и деловните патници, кои сакаат да влезат без виза во САД, од 2009 година пред полетувањето на интернет на страницата на ЕСТА пополнуваат пријава-формулар, во кој мораат да ги внесат податоците како името, датумот на раѓање, адресата на постојан престој и бројот на кредитната картичка. Патниците мора да одговорат и на прашања од личното минато: дали се казнувани, осудувани или биле во затвор. Американските власти сакаат да знаат и дали некој бил зависник од дрога или во периодот меѓу 1933 и 1945 година на каков било начин бил поврзан со нацистичка Германија.

Етингер го поддржува Фридрих

Фридрих се залага и за подигнување на датотеката на личните податоци на патниците на европско ниво.

Guenther Oettinger
Гинтер Етингер на иста линија со ФридрихФотографија: AFP/Getty Images

„Овие информации може на пример да се споредуваат со антитерор-датотеката“, предлага тој.

Предлогот на Фридрих за електронско пријавување на патувањето го поддржува и еврокомесарот за енергетика Гинтер Етингер. Според него, „безбедноста на граѓаните е нашиот највисок приоритет“. Тоа е главниот аргумент за воведување европска ЕСТА програма. Етингер истовремено потсетува - на темата безбедност во Европа ќе и‘ се придава поголемо значење отколку во САД.

„Користењето податоци не значи и нивна злоупотреба, доверливоста мора да биде загарантирана“, бара тој.

Претседателот на синдикатот на полицијата, Оливер Малхов, се залага за воведување онлајн систем на пријавување со ограничувања:

„За нов контролен систем со онлајн најави за патување во Европа е потребна законска основа. Но, некои земји треба да бидат обврзани на тоа, се‘ додека трае опасноста од терор“, вели Етингер.