1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фрлачот на чевлите го чека луксузен живот?

14 септември 2009

Багдад, 14 декември 2008 година: еден ирачки новинар за време на прес-конференцијата на американскиот претседател во заминување, Џорџ Буш, фрли по него со своите чевли. Богати Арапи најавија дека ќе го затрупаат со пари.

https://p.dw.com/p/JeWM
Буш се засолна од чевелот на ирачкиот новинарФотографија: AP

Во арапскиот свет фрлањето чевел врз некого значи тешка навреда. Мунтазер ал Заиди за овој чин беше осуден на затвор. Денеска, според изјава на неговиот адвокат, требаше предвреме да биде пуштен на слобода, но тоа е одложено за утре.

Настан што никој не го очекуваше

Се случи неочекувано, без предупредување. Џорџ Буш тукушто му се заблагодаруваше на арапски на домаќинот Нури ал Малики на својата проштална прес- конференција во Багдад.

Одеднаш кон него, еден по друг, полетаа два кожни чевли, проследени со лути зборови на оној кој ги фрли. Тој викаше: „Ова ти е од вдовиците и сирачињата и убиените во Ирак.“

Американскиот претседател се наведна, потоа се‘ се одвиваше со молскавична брзина, настана мешаница, обезбедувањето го совлада Мунтазер ал Заиди, тогаш уредник-репортер во Ал Багдадија, независна телевизија со седиште во Каиро. Буш се обиде да го намали значењето на нападот со чевлите, шегувајќи се:

„За време на мојот мандат доживеав многу бизарни работи, но ова беше, сепак, единствено доживување.“

Irakischer Journalist und Schuhwerfer Muntadhar al Zeidi
Мунтазер ал ЗаидиФотографија: AP

Со тоа, случајот за претседателот во заминување заврши. За Ал Заиди и целиот арапски свет не: 30 годишниот новинар преку ноќ стана народен херој. Некој да биде погоден со чевел, на Ориентот значи најголема навреда.

„Буш е лажго“!

Акцијата, патем, не била планирана, изјави кратко потоа еден колега на репортерот:

„Тој не можеше веќе да се воздржи, зашто Буш зборуваше за успеси во Ирак, за постигнувања, за демократија. Но, во стварноста постои токму спротивно: нема електрична енергија, инфраструктура, никаква обнова. Поради тоа, тој сакаше да го понижи Буш и на тој начин да му каже - ти си лажго.“

А со тоа Ал Заиди го кажа она што на милиони Арапи им лежеше на срце. Телевизиските снимки од настанот течеа непрекинато, преку демонстрации се бараше ослободување на новинарот. Но, Ал Заиди наскоро беше осуден од судот за терористички случаи на три години, заради напад врз странска сила. Но, бидејќи новинарот бил примерен и дотогаш неосудуван, казната беше намалена на една година. Според неговиот адвокат, на слобода Ал Заиди го очекува живот во луксуз. Емирот од Катар му ветил златен коњ, либискиот лидер Моамер ал Гадафи - орден, некој друг сака да му подари спортски автомобил. Ако сака, Ал Заиди може да направи политичка кариера, нему му е обезбедено место како на симболична фигура на анти-американскиот отпор. Уште сега шиитските тврдолинијаши неговото ослободување го слават како победа на оние кои се против окупацијата. Ал Заиди го очекуваат и понуди за работа од најпознатите телевизии. Ако се верува на луѓето кои го знаат одблиску, тој, и поради чувство на обврска, би сакал да продолжи онаму каде што запре поради фрлањето на чевлите - како репортер на помала телевизиска станица.

Irakischer Journalist und Schuhwerfer Muntadhar al Zeidi
Демонстрации за ослободување на ал ЗаидиФотографија: AP

Автор: Кристијан Фог / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска