1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фудбалска срамота

26 јули 2006

Вишиот суд на италијанскиот фудбалски сојуз вчера им ги ублажи казните на италијанските екипи од првата лига замешани во манипулациите во првенството. Јувентус сепак ќе игра во втората лига, но ќе стартува со минус од 17, место со 30 бодови. Судиите им ги ублажија казните и на другите три екипи:

https://p.dw.com/p/AeiK
Јувентус мина со најтешки последици во фудбалскиот скандал во Италија
Јувентус мина со најтешки последици во фудбалскиот скандал во ИталијаФотографија: AP

Џанкарло Падован, од италијанскиот спротски весник „Тутоспорт„ е бесен на ваквата пресуда:

„Ако тоа беше најголемиот скандал во фудбалската историја на Италија, сега го надминавме. Милан, екипа која е замешана во измамите, сега дури ќе може да настапи и во лигата на шампионите. Тоа е уште поголем скандал„.

Казните се значително поблаги отколку во првиот процес. Единствено вистински казнет е Јувентус од Торино. Ги загуби последните две титули и дефинитивно ќе игра во втората лига, таканеречената Серија Б, освен што место со минус 30, ќе стартува со минус 17 бодови, што значително му ја зголемува шансата да се врати по една сезона во првата лига. Претседателот на екипата Џовани Коболи Џиљи сепак ќе се жали против пресудата пред цивилен суд:

„Разликата меѓу Јувентус и другите екипи не може да се согледа, едноставно не постои во спортското право. Јувентус не може да плати за сите и тоа не можеме да го прифатиме„.

Олесното дишат главно во Лацио и во Фиренца. Место во втората лига, остануваат во првата со казнени бодови: Лацио со минус 11, Фиренца со минус 19.

Казната за Милан не е ни вредна да се спомне: во првата пресуда беше казнет со минус 15 бодови, а сега му се одземаат само 8 и 30 за минатата сезона што е доволно за квалификации во лигата на шампионите. Но, и во Милан се незадоволни. Сопственикот Силвио Берлускони зборува за неправда и тоа го објаснува адвокатот на екипата Леандро Кантамеса:

„Бараме ослободување. Во однос на првата инстанца казната е поблага и затоа сега не можам да кажам дали ќе преземеме други правни чекори„.

Новинарот на весникот „Тутоспорт„ Џанкарло Падован, патем, на крајот од една вонредна телевизиска емисија ја покажа пред камерите насловната страница на штотуку излезениот весник:

„Фудбалска срамота – тоа е нашиот наслов„!