1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фудбалски спектакл со многу емоции

8 октомври 2010

Атмосферата на фудбалскиот натпревар Германија-Турција ќе потсетува на градско дерби, зашто Берлин не е само главен град на Германија, туку и дом на најголемата турска заедница надвор од Турција.

https://p.dw.com/p/PZA7
Фотографија: dpa/DW

Кога вечерва (08.20.2010) ќе биде означен почетокот на квалификацискиот натпревар за Европското фудбалско првенство во 2012 меѓу Германија и Турција, на Олимпискиот стадион во Берлин, германската репрезентација не ќе може да се потпре барем на едно нешто: на предноста на домашниот терен. Во тоа е сигурен 16-годишниот Кан Гил:

„Сметам дека ова е единствена можност за Турците тука во Берлин, во живо да ја гледаат националната селекција. И сметам дека тие нема да го пропуштат тоа. Многу Турци купија влезници и затоа сметам дека ова ќе биде домашен натпревар за Турција.“

Првата најголема љубов против втората најголема љубов

Deutschland Türkei Fußball EURO 2008
Навивачи на Германија и на ТурцијаФотографија: AP

Кан самиот не успеа да купи влезница и ќе го гледа натпреварот во кафуле со другарите од Туркијемспор, еден од повеќето турски фудбалски клубови во Берлин. Картите за мечот беа распродадени одамна, а на интернет се препродаваат по огромни цени.

Околу 200 илјади Турци или Германци со турско потекло живеат во германската престолнина. Иако многу од нив никогаш не живееле во Турција тие страствено навиваат за турската фудбалска репрезентација. Затоа натпреварот Германија-Турција во Берлин за нив е посебно случување.

„Би рекол вака: мојата прва голема љубов против мојата втора голема љубов. Првата е Турција, зашто е моја татковина. Втората е Германија зашто тука сум израснал, тука имам пријатели, дом. И затоа се надевам како прво дека тоа ќе биде мирен натпревар и нема да се случуваат лоши работи. И потоа се надевам дека ќе победи Турција. Но, ако победи и Германија, нема да биде толку лошо“ , вели голманот на Туркијемспор, Јунуз Дурмаз.

Без емиции би било здодевно

Deutschland Ghana WM Fußball Weltmeisterschaft Mesut Özil
Месут Езил има турски родители, но одбра да игра за ГерманијаФотографија: AP

Последен пат двете репрезентации играа во полуфиналето на ЕП во 2008 година. Некои коментатори пред натпреварот предупредуваа од безредија во Берлин на турските навивачи доколку победи Германија, или пак, на германските десни радикали, ако победи Турција. На крајот победи Германија и се‘ помина мирно. И така треба да биде и овојпат:

„Мислам дека ќе дојде до мали препирки. Без емоции сето тоа ќе биде здодевно, а кога емоциите се во игра, тогаш е нормално да има препирки. Но, се надевам дека никој нема да биде повреден и ќе се остане само на усни препукувања.“

Во Бундеслигата играчите со турско потекло веќе подолго време се нормална појава. Играчот на Борусија Дортмунд Нури Шахин игра за турската репрезентација, додека пак, доскорешниот играч на Вердер Бремен, а сега на Реал Мадрид, Месут Езил, на последното Светско првенство стана ѕвезда на германската репрезентација. Играчот на Туркијемспор, Јусуф Кова, сака да ги види и двајцата:

„Сметам дека е добро секој играч да игра за својата татковина. Јас би играл само уште за Германија, ако не добијам понуда од Турција.“

Автор: Матијас Белингер / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска