1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фудбал: половина лига во борба за опстанок, Вердер повторно на шампионски курс

12 април 2004

“Додека на едниот не му се стемни, на другиот нема да му се раздени” – токму како во поговорката: на Вердер, по двете нерешени средби во претходните кола, победата над Ајнтрахт во Франкфурт повторно му го осветли шампионскиот хоризонт, а изгледите на домаќинот во тој дуел да опстане во лигата уште повеќе се затемнија.

https://p.dw.com/p/Aenl
Вердер - титулата на дофат
Вердер - титулата на дофатФотографија: AP

Вердер до победата дојде по малку и среќно, од престрого досуден пенал на 10 минути пред крајот: “Да, среќно дотолку, што сепак успеавме да дадеме гол. Претходно имавме акции, но не беа толку опасни. Во конкретната ситуација конечно појдовме малку посмело и сепак некако успеавме”, признава и тренерот на Вердер Томас Шааф. На 6 кола до крајот Вердер има седум бодови предност пред Баерн и може да смета на освојување на 4-тата шампионска титула во клупската историја.

Бранителот на титулата Баерн во Минхен го совлада Шалке со 2 спрема 1 и може да се надева само на киксови на Вердер, кои објективно, се малку веројатни. Но, моралот и вербата се’ уште не ги напуштаат Баварците. Со новите два гола Рој Макај му се доближи на Аилтон на листата на стрелците – Бразилецот од Вердер води со 25, Холанѓанецот од Баерн има 22 постигнати голови во тековново првенство.

Штутгарт, по победата на гости против Фрајбург со 1 спрема 0, со голот на конечно разбудениот репрезентативен голгетер Кевин Курањи, и натаму цврсто стои на третата позиција, одржувајќи ја предноста од 5 бодови пред разиграниот Баер, кој во Леверкузен со 6 голови му ја наполни мрежата на Кајзерслаутерн – тоа е воопшто досега највисока победа на Баер на домашен терен во Будеслигата.

Расположени беа и стрелците на Бохум кои четирипати му ја затресоа мрежата на Минхен 1860; мини-кризата на Бохум очигледно е брзо надмината. Поразените во овие два дуела ги зафаќа паника, со оглед дека се најдоа меѓу најзагрозените, кога е во прашање опстанокот во лигата. За Келн, по поразот од 1 спрема 0 на гости во дуелот со директниот конкурент Хановер повторно згасна и онака слабата искра на надеж. На натпреварот присуствуваше жителот на Хановер и привремен граѓанин на Берлин, германскиот канцелар Герхард Шредер, познат како љубител на фудбалот. Келн е последен со шест бодови помалку од Ајнтрахт и осум од Кајзерслутерн и Херта, која забележа минимален, но значаен успех против Волфсбург, конкурент во борбата за опстанок. Можеби пресудно значење има и победата на Борусија Менхегладбах од 2 спрема 1 на гостувањето кај Ханза во Росток. Во борбата за опстанок се вклучени осум екупи – од 11-то пласираниот Хановер, па до последниот Келн. Борусија и Кајзерслаутерн имаат предност со тоа што ќе играат 4 пати дома, а само два пати на гости, Анјтрахт хендикеп четирипати да гостува и само два пати да игра пред своја публика.

За Хамбургер поразот од Борусија Дортмунд дома со 2 спрема 0 нема посебно значење, освен за престиж, но за гостите трите бодови значат надеж дека сепак наредната година можат да учествуваат на меѓународна сцена во купот на УЕФА.