1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фуере: Владата да престане да ги стигматизира медиумите

Тони Гламчевски20 јануари 2009

Спроведување на слободни и демократски избори е еден од клучните предизвици за Македонија, порача амбасадорот Фуере во ЕП. Побара од владата во Скопје подобар однос кон медиумите и НВО-секторот.

https://p.dw.com/p/GcT6
Фуере на средба со претставници на НВОФотографија: Macedonian Information Agency

Претстојните избори во Македонија се клучни, порача евроамбасадорот Ерван Фуере, претставувајќи ги главните предизвици за земјата пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, која го разгледува годишниот извештај за напредокот на Република Македонија на патот кон ЕУ.

„Однесување на политичките партии и лидери за време на кампањата и на денот на гласањето, ќе биде основа во формирањето на оценката за изборите. Атмосферата на конфронтирање на претходните избори ја загрози нивната регуларност“, рече Фуере. Според него, од страна на судството треба да се вложат крупни напори за пред овие избори да бидат казнети виновниците за нередите од минатогодишните избори, со што ќе се испрати порака дека ваквото однесување е недозволиво. Амбасадорот нагласи и дека е многу важно да се исполнат препораките на ОБСЕ за изборите, како и давањето надлежности и ресурси на Советот за радиодифузија за да ја надгледува објективноста на медиумите.

Подобар однос кон медиумите и НВО

Mazedonien Wahlen 3
Изборите се клучниФотографија: DW

Фуере од говорницата на Европскиот парламент ја повика македонската влада да престане да ги стигматизира медиумите и да го маргинализира невладиниот сектор во земјата, бидејќи и едните и другите се неопходни за здрави демократски општества.

„Владата треба да вложи повеќе напори да го вклучи невладиниот сектор. Критицизмот кон владата треба да се слуша, а не да се маргинализира“, рече Фуере. Според амбасадорот, проблематична е врската што постои помеѓу сопствениците на медиумите и политичките партии и предупреди дека независноста на медиумите е од витално значење за демократските општества. Тој побара од Здружението на новинарите на Македонија и од Владата да отворат продуктивен дијалог и да работат на подобрувањето на условите на работа на новинарите во Македонија.

Македонија побрзо да добие датум за преговори

Фуере укажа и на загрижувачката тенденција на, како што рече, сегрегирачкото образование во Македонија, повикувајќи ја Владата да стори тоа што може ваквиот тренд да биде запрен. Во врска со визната либерализација Фуере одговори дека тоа е област во која „земјата направи големи напори и важно е тие напори да бидат вреднувани, за да добие целосно визно укинување“.

Известувачот Ерик Мејер, заедно со европратеничките Ана Ибрисагиќ или Ангелика Бер, повторија дека е изгубено многу време и побараа колку што е можно побрзо да и’ се даде датум за преговори на Македонија. Барање што стои и во најновата резолуција на Комисијата за надворешни работи.