1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФФМ пред избор на нов претседател

Златко Калински26 јуни 2012

Европските фудбалски велесили влегоа во завршните битки за титулата. Со ЕУРО 2012-та е обземен фудбалскиот свет. Македонскиот фудбал, кој е далеку од главната европска сцена, бие пионаква битка - за раководење!

https://p.dw.com/p/15Ktw
Идниот претседател на ФФМ треба да има авторитетФотографија: Petar Stojanovski

Раководството на ФФМ деновиве објави дека се повлекува од сегашната позиција. Харалампие Хаџи-Ристески заминува од функцијата претседател на ФФМ. Иницијативниот одбор за промени, кој неколку години се залага за смена на фудбалското раководство, доби можност на крајот на јули да избира ново раководство. Масар Омерагиќ, член на иницијативниот одбор ги образложува причините поради кои се бараат промени.

„Неправилностите, како што јас би ги нарекол, се основната причина за паѓањето на нашиот фудбал и тоа се провлекува со години и тоа во многу фази. Тоа резултира со состојбата каква што е денеска - да имаме катастрофални резултати на репрезентативен план, не само со А селекцијата, туку и со другите. Исто така, не се почитува статутот, грубо се кршат правилниците, присутна е подвоеност во фудбалската организација. Постојат паралелни фудбалски сојузи, надвор од статутот. Сето тоа доведе до голема поделба. Кога немате слога, кога не се почитуваат правилниците и статутот сето тоа понатаму се рефлектира во спортскиот дел, кој е најважен“, вели Омерагиќ.

Фудбалот тоне со години

Gore Jovanovski Fußballtrainer Mazedonien
Ѓоре Јовановски укажува дека проблемите во македонскиот фудбал се провлекуваат десет годиниФотографија: DW

Ѓоре Јовановски, истакнат тренер и почитувано фудбалско име, вели дека урнисувањето на македонскиот фудбал трае во подолг период, а имињата кои ја пишувале фудбалската историја ги нема во фудбалските форуми.

„Проблемите не се од скоро, едноставно тие се провлекуваат веќе дваесет години. Ова е мое мислење, од причина што сите што претставуваа нешто во македонскиот фудбал, едноставно се отстранети. Зошто е тоа така, одговорот треба да се бара на повеќе страни“, вели Јовановски.

Во наредните денови започнува кампањата за избор на нов претседател. Омерагиќ, најавува демократски избор на новиот претседател на ФФМ.

„Добро е што гласањето ќе биде тајно. Сосема транспарентно, доколку се испочитува изборната процедура, без никакви притисоци, коишто беа во минатото. Кога некому не му се допаѓаше одлуката на некој општински сојуз за кандидатура, таа се поништуваше и се правеше паралелен сојуз. Мислам дека тоа веќе нема да се случува, затоа што ќе имаме ад-хок комисија во која се застапени и членовите на Иницијативниот одбор. Со тоа, секој што мисли дека има шанси, капацитет и знаење ќе може да се кандидира, се разбира доколку најде своја база во некој од општинските фудбалски сојузи“, вели Омерагиќ.

Идниот претседател на ФФМ со име и авторитет

Крајно време е фудбалот да биде воден од луѓе способни и со авторитет, смета Ѓоре Јовановски.

Mazedonien Fußball Tainer John Toshack Pressekonferenz in Skopje
Харалампие Хаџи-Ристески (десно) се повлекува од функцијата претседател на ФФМФотографија: P.Stojanovski

„Треба да се обидеме на чело на фудбалската организација да дојде човек со име и презиме, човек што има фудбалско педигре, кој фудбалски размислува. Но, не смееме да заборавиме дека ние живееме во Македонија, земја во која во сите пори на живеењето е се исполитизирано. Тоа значи дека идниот претседател на ФФМ трба да биде фудбалски човек, да биде добар менаџер, да менаџира со фудбалската федерација. На некој начин и да води политика. Дали во моментов имаме таков профил, треба да се види“, заклучува Јовановски.

Изборното Собрание на ФФМ е закажано за 29 јули.