1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаг: Грција ја прекршила привремената спогодба со ветото во Букурешт

5 декември 2011

Грција ја прекршила Привремената спогодба од 1995 година со тоа што ставила вето на членството на Македонија во НАТО, пресуди Меѓународниот Суд на правдата во Хаг. Читањето на пресудата се‘ уште трае.

https://p.dw.com/p/13MhH
Пресудата ќе биде позната комплетно до пладне (05.12) - архивска фотографијаФотографија: MIA

Претходно, Судот се прогласи за надлежен да одлучува по тужбата на Македонија против Грција за прекршување на Привремената спогодба од 1995 година. Ова беше првиот заклучок од пресудата во процесот меѓу Скопје и Атина во Хаг.

Претседавачкиот судија Хисаши Овада соопшти дека Судот ги отфрлил забелешките на Грција дека тој нема надлежност да решава за овој случај.

Прашањето на надлежноста беше првата од трите точки за кои Судот денеска се произнесе.

Во втора точка, Судот одлучи дека Грција ја прекршила Привремената спогодба со ветото на Самитот на НАТО во Букурешт.

Судот ги отфрли забелешките на Грција дека најавите за вето во пресрет на самитот во Букурешт не биле директни закани, туку само предупредувања до сојузниците.

„Судот не може да прифати дека изјавите на грчките претставници во пресрет на Самитот на НАТО не се доказ за закани за блокади, туку само забелешки до другите членки на НАТО“, рече судијата Овада.

Во последната точка, Судот треба да одлучи дали ќе и наложи на Грција во иднина да се однесува согласно преземените обврски во спогодбата. Конечната пресуда се очекува да биде позната пред 12 часот напладне денеска (05.12).

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска