1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Халал-бургерот ги скара Французите

18 април 2010

Халал-бургерот одговара на нормите на исхрана на луѓето од муслиманска вероисповед. На негово воведување се реши синџир на брза храна во Франција. Но, наскоро следеше жестока дебата - дали не се работи за дискриминација?

https://p.dw.com/p/Mwlx
Фотографија: picture alliance / dpa

Во ресторанот за брза храна „Квик“ Малек задоволно загризува во својот хамбургер. Конечно човек може да јаде брза храна без да има лоша совест, вели муслиманот:

„Ова е добро. Се гледа дека во Рубе ќе биде многу подобро.“

Севернофранцускиот град Рубе е средиште на индустриската зона и се наоѓа во близина на белгиската граница. Од 60-те години, тука живеат голем број доселеници од Тунис, Алжир и Мароко, претежно муслимани. Од неодамна, тие во рестораните за брза храна „Квик“ можат да јадат месо од животни заклани според правилата за храна на исламот - се работи за дозволена, халал храна.

„Ако мнозинството луѓе јадат халал храна, разбирливо е сопствениците на рестораните да реагираат и да ја понудат“, вели еден муштерија.

Дали ова е дискриминација?

Синџирот „Квик“ има 30 ресторани, во осум од нив нуди халал храна. Прометот во нив е зголемен, доаѓаат пред се‘ семејства со многу деца, нема алкохолни пијалоци, ниту свински производи. Но, според градоначалникот на Рубе, социјалистот Рене Вандјерндонк, ова е претерување:

„Мора да се внимава да не се врши дискриминација на луѓето кои не се муслимани, би било во ред ресторанот да нуди и храна која не е по халал принцип.“

Halal Fastfood Fast Food Burger Flash-Galerie
Халал-бургерФотографија: picture-alliance / maxppp

Градоначалникот поднесе тужба против „Квик“, но ја повлече откако доби аплаузи од луѓе од кои не сакаше - екстремните десничари на Мари Лепен, ќерка на основачот на Националниот фронт, Жан Мари ле Пен.

До каде треба да оди грижата на лаицистичката држава?

Ресторанот „Квик“, кој припаѓа на државна финансиска институција, инаку, се повикува на претприемачката слобода, а во тоа има поддршка од либералите и зелените, кои аргументираат - никој не се буни против продавниците кои нудат само кошер производи, во согласност со еврејските правила за дозволена храна.

Halal Fastfood Quick Burger Frankreich Flash-Galerie
Ресторан „Квик“Фотографија: AP

Но, дебатата за халал храна има подлабоки корени и социјалистот Филип Бретон истакнува:

„Кога ќе помислам на дискусиите за носење бурки на јавни места и сега халал храна, морам да се потсетам дека Франција е лаицистичка држава. Во Франција јавниот живот и религијата се раздвоени со уставот и тоа се почитува. Во дебатата за халал храна, всушност, клучно е прашањето - во која мера лаицистичката држава треба да води сметка за желбите на припадниците на одделни религии.“

Halal Fastfood Flash-Galerie
Фотографија: picture alliance / dpa

А рестораните „Квик“ сметаат дека понудата на халал храната е оправдана, ним бизнисот добро им оди.

Автор: Кристијан Вес / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска