1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамарберг: Заканите за преиспитување на визната либерализација се неконструктивни

23 ноември 2011

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг истакнува дека притисоците од ЕУ врз земјите од Балканот да го прекршат фундаменталното право на своите граѓани да ја напуштат земјата се неконструктивни.

https://p.dw.com/p/13FEf
Комесарот за чивекови права на СЕ, Томас ХамарбергФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

„ Бројот на лицата кои ги напуштија нивните земји и побараа азил во Европската Унија, тоа го направија по нивна лична инцијатива и поради реалната ситуација на физичка и/или економска несигурност. Тие сакаа да побегнат од неправдите и/или од сиромаштијата и неподносливата ситуација. Преголемата застапеност на Ромите меѓу нив е само одраз на реалната ситуација во регионот на Балканот“ , пишува Томас Хамарберг, Комесарот за човекови права на Советот на Европа во својата последна белешка за човековите права во Европа.

Во 2010 година – првата година од либерализацијата на визниот режим – Шведска примила 7900 барања за азил од лица дојдени од Србија, додека Германија 6500 и Франција 5800. Во 2011 година се досега, бројот на барањата за азил е помал. Речиси сите барања за азил беа одбиени, нагласува Хамрберг.Во контекст на големиот број на барања на азил и во актуелната клима на нетрпеливост кон мигрантите, не изненадува реакцијата на земјите од Европската Унија кои побараа од земјите од Балканот да преземат конкретни мерки.

Roma Kinder in Suto Orizari
„Профилирање “ на виновниците. Диркиминацијата на Ромите продолжуваФотографија: Petr Stojanovski

Комесарот за човекови права, во својот документ го дава како пример одговорот на овие барања од страна на македонските власти. „ Владата на поранешната југословенска Република Македонија одлучи да го претвори во кривично дело ‘злоупотребата на режимот за визната либерализација во земјите од Европската Унија и Шенген зоната’. Таа исто така одлучи на присилно вратените лица, откако нивните барања за азил се одбиени, времено да им биде одземен пасошот“.

Хамарберг појаснува дека вакви слични мерки донесоа и другите земји од регионот. Така лицата кои сакаат да патуваат во ЕУ мораат да ги објаснат причините за патувањето и да докажат дека можат да го финансираат својот престој и повратното патување. Ако нивните одговори бидат оценети како недоволни, тогаш нив може да им се забрани да отпатуваат.

Правото да се напушти својата земја е гарантирано фундаментално право

Иако државите имаат легитимни овластувања за да ја регулираат имиграцијата, правото на секоја индивидуа да ја напушти својата земја е воспоставено фундаментално право, гарантирано со Универзалната декларација за човековите права. Европската конвенција за човекови права (Проколот бр.4, член 2) гарантира : „Секое лице е слободно да ја напушти  која било земја, вклучувајќи ја и својата“. Тоа право е гарантирано и во уставите на балканските држави, потсетува комесарот за човекови права.

Russland Georgien OSZE Menschenrechtskommissar Thomas Hammarberg
Хамарберг го критикува рестриктивниот однос кон барателите на азилФотографија: AP

Иако не е донесена одлука за формална забрана за напуштање на својата земја, сега воведената процедура за излез од територијата и ризиците од казни при враќањето, можат според Хамарберг да доведат до ист резултат.

Тој притоа забележува дека малцинствата и посебно Ромите се специфичната цел на овие мерки, што води до „профилирање“ и кон нови дискриминации на ова малцинство.

Покрај ова, јавниот говор ја пренесува идејата дека визната либерализација може да биде укината поради патувањата на Ромите. Речено со други зборови, ромската заедница уште еднаш е покажана како виновна, забележува Хамарберг.

Справување со главните проблеми, а не со симптомите

Притисоците од ЕУ беа оправдани во однос на потребата за борба против организираните мрежи за имиграција, смета Хамарберг и притоа констатира дека оваа практика изгледа не е најчестиот модел за заминување во ЕУ.

Antrag auf Erteilung eines Schengen-Visum Verschiedene Wege der Migration
Визите може повторно да бидат воведени, гласи заканата од ЕУФотографија: picture alliance/dpa

Зголемувањето на барателите на азил во некои земји не е сржта на проблемот, туку само неговиот симптом. „ Тоа е уште еден знак за неуспехот на Европа да го победи циклусот на антициганизмот, на дискриминацијата и маргинализацијата на ромското население. Тоа треба да се свати како потсетување за потребата од решителна акција“, нагласува комесарот за човекови права.

Хамарберг е свесен дека е потребно многу време, па дури и кога постои политичка волја за да се спроведе ефикасна акција во полза на малцинствата и да се справи со основните проблеми за да ромските семејства немаат ургентно чувство дека треба да ја бараат нивната иднина во странство.

Во меѓувреме земјите од Европската Унија, треба да се воздржат од сите дискриминаторски однесувања кон Ромите. „ Барањето на азил е човеково право и лицата кои имаат право да добијат заштитен статус, тоа треба да го добијат, додека другите треба да прифатат една негативна одлука“ , пишува Хамарберг.

На крајот, комесарот за човекови права на Советот на Европа  заклучува дека ќе биде „конструктивно“ подоброто дифузирање на информациите за запознавање со правилата за право на азил во Шенген зоната, што не е случај, со извршените притисоци врз владите од Балканот да ги „хипотекираат“ фундаменталните права на своите граѓани да ја напуштат нивната земја, односно со заканите дека целиот процес на визната либерализација може да биде преиспитан.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема