1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамбургер победник во дербито против Шалке во Гелзенкирхен

Зоран Јордановски3 април 2006

Но во фокусот како повеќе да е големата грешка на голманот Кан на средбата против Келн во Минхен, која лидерот Баерн не успеа да ја добие

https://p.dw.com/p/Aeiv
Рој Макај спаси бод за Баерн
Рој Макај спаси бод за БаернФотографија: AP

Последнопласираниот во Бундеслигата Келн, чии изгледи за опстанок се само од теориска природа, е првиот лигаш кој однесе бод од новиот стадион во Минхен. Келн на двапати водеше, Баерн беше тој што спасуваше бод. За натпреврот, сепак, повеќе се зборува поради големата грешка на голманот Оливер Кан, на чиј товар оди вториот гол на гостите. Репрезентативецот и капитен на Баерн на полувремето остана во соблекувалната – образложението беше дека обновил стара повреда на ребро. Во овдешните медиуми веднаш почна да се шпекулира дали со тоа е решена дилемата кој да биде прв голман во репрезентацијата – Кан или Јенс Леман, чуварот на голот на лондонски Арсенал.

Грешки секогаш ќе се случуваат, па и на еден Оливер Кан, застана во негова заштита сојузниот тренер Јирген Клинсман, кој уште еднаш повтори дека дефинитивното решение ќе биде донесено дури на почетокот на мај. „Сите репрезентативци, кои сакаат да учествуваат на светското првенство, сакаат да си го обезбедат местото во селекцијата и меѓу првите единесетмина. Тука е сосем нормална конкуренција со постигнувањата, а таа е посебно типична токму кај голманите, каде трае веќе две години. Тие многу професионално се поставија во таквата ситуација. Значи, не верувам дека сега тука постои некаква меѓузависност, само поради тоа што тој направи една грешка кај Баерн“ – рече Клинсман.

Инаку, за самата средба Баерн – Келн, тренерот на домашниот тим Феликс Магат вели: „Понекогаш мора да се биде задоволен и со нерешено, иако сите ние верувавме дека против последниот на табелата работата е јасна и ќе победиме“. А неговиот колега од Келн Ханспетер Латур го мачат други грижи: „Не притиска тоа што имаме премалку бодови. Инаку, самиот натпревар беше интензивен, за гледачите секако интересен со четири постигнати голови. Ние планиравме добро да играме овде во Минхен и ако е можно и да освоиме бодови, или најмалку да собереме храброст за наредните натпревари“.

Хамбургер е големиот победник на дербито на 28-то коло во Гелзенкирхен – 2 спрема 0 против Шалке значат голем чекор кон обезбедување на второто место – со тоа и автоматско учество во Лигата на шампионите. Бразилецот Тони Аилтон, кој го постигна вториот гол, му ја запечати судбината на својот поранешен тим Шалке и го одржа ветувањето дадено пред средбата: “Тоа е вистинска мотивација. Радо играм против мојот поранешен тим во Арена–стадионот. Сакам денеска да постигнам гол. Тоа е јасно, тоа ми е работа“.

Шалке, се чини, дефинитивно отпадна од конкуренција за Лигата на шампионите. Сега врвот на табелата изгледа вака: Баерн има 66 бодови, Хамбургер 59, Вердер 56 и Шалке 52. Тоа е лигашката елита.

Херта, по победата над Штутгарт со 2 спрема 0 ја предводи групата тимови што се борат за место во Купот на УЕФА. Херта има 40 бодови, Баер Леверкузен 38, двете Борусии по 37, а Штутгарт 36.

Борусија Менхенгладбах ја победи истоимената екипа од Дортмунд и се врати во игра за пласман на европската фудбалска сцена. Најголем удел во победата на Баер во Леверкузен против Кајзерслаутерн со 5 спрема 1 има бугарскиот интернационалец Димитар Бербатов, кој беше троен стрелец и сега со 15 голови е трет голгетер во лигата – пред него, покрај водечкиот Клозе, е уште и Алтинтоп од Кајзерслаутерн со 16 голови.

По втората последовна победа на Баер, играчот Паул Фраер зборува за европска перспектива: „Минатата недела веќе поставувме еден мал камен-темелник против Штутгарт. Знаевме дека денеска мораме уште да додадеме гас. Екипата тоа навистина го стори стопроцентно. Сега се изборивме пред очи да ни е целта - учество во купот на УЕФА“.

На речиси исто растојание од местата што водат кон Европа или кон Втората лига се Хановер, Нирнберг и Арминија Билефелд, сите со по 34 бодови. Во директниот дуел во Хановер Арминија славеше победа со 1 спрема 0, со која се чини дефинитивно се одлепи од борбата за опстанок. Истото важи и за Нирнберг по убедливите 3 спрема 0 против Мајнц. Во Нирнберг смената на тренерот донесе пресврт: предводен од искусниот Ханс Маер тимот направи извонредна серија и пролетва е четврта најуспешна екипа во Бундеслигата (со 20 освоени бодови; само Баерн со 22 и Шалке и Хамбургер со по 21 се подобри). Тоа не може да се рече за Штутгарт, Келн или Дуизбург – таму промените не донесоа и подобри резултати.

Волфсбург и Дуизбург играјќи меѓусебе нерешено 1 спрема 1 си ја продолжија агонијата. Ајнтрахт во Франкфурт е поразен од Вердер со 1 спрема нула, и тоа од пенал. За најдобриот стрелец во лигата Мирослав Клозе тоа беше 20-от погодок во ова првенство.

Келн сега има 20 бодови, пред него е Дуизбург со 22, а Кајзерслаутерн има 27. На местата кои обезбедуваат опстанок, но не и со бодови што би им го гарантирале тоа, се Мајнц со 28, Волфсбург со 29 и Ајнтрахт со 30. Тука завршува кругот на загрозените.

Втора победа на Алонзо во новата сезона

Фернандо Алонзо се’ повеќе докажува дека е вистински и достоен шампион на светот во автомобилизам формула еден. Тој е победник на Големата награда на Австралија на патеката во Мелбурн. За него ова е втора победа во сезонава, за неговиот тим Рено трета. Алонзо води во светското првенство со 28 бодови, пред колегата од тимот Џанкарло Физикела и Кими Рајконен од Мекларен Мерцедес, кои имаат по 14. Рајконен во Мелбурн го освои второто место, трет беше Ралф Шумахер (Тојота), а четврти Ник Хајдфелд (БМВ Заубер).

Ферари остана без пласман во хаотичната трка: Маса мораше да се откаже уште во првата рунда по сударот со Нико Розберг и Кристијан Клиен, а Михаел Шумахер кон средината на трката удри во заштитниот ѕид и тешко го оштети болидот. На истиот свиок и Колумбиецот Монтоја од Мекларен Мерцедес, иако го избегна ѕидот, сепак го оштети својот болид и исто така не ја заврши трката. Посебен малер доживеа Џенсон Батон до Хонда: имаше пол-позиција, во последниот круг влезе со петтопласиран, но поради дефект остана на 20-ина метри пред линијата на целта.