1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан: Доволно е само едно чкорче и сѐ би пламнало

ЕМФ / Цајт онлајн
11 февруари 2017

Ако не извезуваме стабилност, ќе увезуваме нестабилност - тоа важи како за Балканот, така и за преостанатото соседство на ЕУ, оценува еврокомесарот за проширување Јоханес Хан за „Цајт онлајн“. Тој зборува и за Македонија

https://p.dw.com/p/2XNo2
Proteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Во опширното интервју еврокомесарот Јоханес Хан, меѓу другото, се осврнува на состојбите во регионот, влијанието на Русија и перспективите за зачленување на балканските држави во ЕУ. На прашањето за Македонија, дава кус одговор:

„Во наш интерес е во ПЈР Македонија да има стабилност и развој на правна држава. Секоја земја на Балканот треба да има европска перспектива. Тоа значи дека треба да се постигне промена во еден еволуциски процес. Ние се ангажиравме многу. Издејствувавме низа резултати. Имаше слободни и фер избори. За земјата, се разбира со извесен напор, е подобро ако тој развој продолжи мирно.“

На прашањето дали ЕУ е заинтересирана само за стабилност на Западниот Балкан и дали е важно само да биде мирно, Хан вели дека би било „наивно да се верува дека промена на режим може да се наметне однадвор“:

„Тоа не е ниту наша намера. Ние ги почитуваме нашите партнери како суверени држави. Нашата 'soft power' се состои во тоа да се постигне стабилност и благосостојба со мирнодопски средства. Не можеме од една страна да зборуваме за правна држава и демократски процеси, а истовремено луѓето на Западен Балкан да ги поместуваме овде-онде како на шаховска табла.“

Johannes Hahn
Јоханес Хан Фотографија: picture-alliance/dpa

Сѐ погласните националисти на Балканот не се резултат само на слабоста на ЕУ, смета еврокомесарот: „Мислам дека соседот на нашите соседи, значи Русија, не седи со скрстени раце. Освен тоа, и во рамките на ЕУ постои искушение да се креваат ѕидови. И во ЕУ понекогаш има погрешни мислења дека на таков начин нешто би се постигнало.“

Нагласувајќи дека ЕУ сака мирна соработка со Русија и дека Москва би требало да биде заинтересирана за стабилно соседство, Хан пробува да одговори и на прашањето дали Русија води хибридна војна на Балканот:

„Не би одел толку далеку и не би зборувал за војна. Но, постојат дезинформации и обиди за остварување целно влијание за да се поттикне определено расположение и да се создадат одредени слики. Тоа во меѓувреме се класични методи. Но, тоа нема трајно да влијае врз развојот на настаните, во тоа сум уверен. Европа тука има добра позиција, зашто во државите на Западен Балкан ориентираноста кон Европа е толку силна, што секој политичар кој сака да биде реизбран се насочува во правец на Европа.“

Хан оценува дека целта на ЕУ мора да биде сите држави од Западен Балкан еден ден да се приклучат кон Унијата, зашто во интерес на Европа е во тие земји да нема нестабилност и немири, кои само би го зголемиле миграцискиот притисок. Тој Западниот Балкан го споредува со тава полна со масло: „Доволно е само едно чкорче и сѐ би пламнало. Долгорочно смирување на регионот е можно само преку перспектива за зачленување во ЕУ.“