1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хауит: следните денови клучни за иднината на земјата

БГ/макфакс15 февруари 2013

Она што ќе се случува тука следните неколку денови може да одреди што ќе се случува во следните неколку години во Брисел. Ова е пораката на Хауит по тридневниот престој во Македонија.

https://p.dw.com/p/17ekx
Фотографија: Getty Images

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Хауит недвосмислено порача дека актуелната политичка ситуација може да го загрози натамошниот напредок на земјата.

„Се надевам дека луѓето ќе го препознаат вистинскиот напредок што го направивме во Брисел. Се надевам дека луѓето ќе разберат дека одлуката на европскиот комесар од минатиот октомври да ја промовира идејата за надминување на спорот со името во раната фаза по почетокот на преговорите и одлуката на Европскиот совет да биде изготвен дополнителен извештај и да добие позитивен одговор за позитивен извештај, преставува значаен напредок“, вели Хауит.

Порачува дека станува збор за историска можност Македонија да ги отпочне преговорите за членство, посочувајќи дека во ситуација кога следната година во Европската унија е изборна, никој не може да претпостави дека Унијата ќе е во можност да се движи напред на ист начин.

Како една од можните последици од моменталната политичка ситуација, Хауит го посочи и неговото размислување да побара одложување на гласањето за неговата резолуција за Македонија во Европскиот парламент.

„Во моменталните околности се плашам дека гласањето по извештајот може да биде негативно и, со тешко срце, морам да ви кажам ова утро дека размислувам да го повикам Европскиот парламент да го одложи гласањето за мојот извештај, имајќи ги предвид моменталните околности во земјата“, рече известувачот.

„Верувам дека ова може да биде уште една изгубена шанса да се влијае на препораката на Европската комисија во април и на одлуката на Европскиот совет што ќе следува, и жалам ако ова се случи. Но, надежта останува дека тоа нема да се случи. И дека политичките партии во земјата ќе најдат начин да ги стават интересите на земјата во преден план“, рече Хауит.

Treffen Premierminister Nikola Gruevski und Branko Crvenkovski SDSM Mazedonien
Иднината на земјата е во рацете на политичките лидери, смета ХауитФотографија: MIA

Европратеникот порача дека случувањата од 24-ти декември го ставаат под знак прашање демократскиот кредибилитет на земјата, но и дека Европскиот парламент не верува во бојкотот на избори во оваа или во која и да е друга земја.

„Мојата порака е дека ако политичката порака надвладее за надминување на недоразбирањата, сe’ уште е можно недоразбирањата да бидат надминати“, рече тој.

Хауит застана зад идејата за формирање Комисија што ќе ги расветли случувањата на 24-ти декември. Како немудро го оцени менувањето на Деловникот за работа на Собранието во отсуство на опозицијата. Хауит го критикуваше и отстранувањето на новинарите од собраниската галерија на денот на носењето на Буџетот и изрази жалење за прекинатиот дијалог меѓу Владата и новинарите. Британскиот европратеник порача и дека не постои некој друг освен него надвор од Македонија што работи толку посветено на европската иднина на земјата. „Но, оние однадвор не можат да ја посакуваат интеграцијата на вашата земја во ЕУ повеќе од вие самите“, порача британскиот европратеник.