1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хашките случаи годинава се враќаат во Македонија?

Александар Чомовски11 јануари 2007

Министерот за правда, Михајло Маневски, вице-премиерката , Габриела Коневска Трајковска и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска денеска на куса средба со обвинителот на Хашкиот трибунал, Карла Дел Понте во Хаг.

https://p.dw.com/p/Ada3
Фотографија од времето на кризата во 2001 година
Фотографија од времето на кризата во 2001 годинаФотографија: AP

Четирите Хашки случаи годинава ќе бидат вратени во Македонија. Владата го подготвува законот за соработка со трибуналот, а во скопскиот апелационен суд се подготвува и специјалната судска сала, во која од март, најверојатно ќе треба да се одвиваат процесите за воените злодела од 2001 година сторени против цивилното население во Македонија. Главниот обвинител на судот во Хаг, Карла дел Понте, го задржува само процесот против Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски, обвинети за случајот Љуботен и ликвидација на десетина Албанци од ова скопско село. Другите четири судски предмети во Хаг - за 13-мина киднапирани Македонци од страна на ОНА, затворањето на вентилите од Липковското езеро и водата за Кумановчани, малтретирањето на градежните работници од Маврово и за водството на ОНА, судски ќе бидат водени во Македонија. Министерот за правда, Михајло Маневски, вели: “Четирите предмети што се наоѓаат во Хашкиот трибунал ќе им бидат постапно пренесувани на надлежните органи во Република Македонија со почетокот на 2007 година“.

Министерот за правда Михајло Маневски, заедно со вице-премиерката Габриела Коневска Трајковска и министерката за внјатрешни работи, Гордана Јанкуловска, ќе имаат куса средба со обвинителот на Хашкиот трибунал, Карла Дел Понте во Хаг. Хашките случаи ќе предизвикаат политички и меѓуетнички тензии, вели Рафиз Алити, потпретседател на Демократската унија за интеграција, пратеник, познат по прекарот “Учител“ од скопското село Радуша и еден од командантите на ОНА во 2001 година.

И покрај најавите дека во март ќе биде вратен првиот од четирите Хашки случаи, а до крајот на годината другите, одделни експерти изразуваат сомневање дека ќе бидат донесени пресуди. Доктор Ненад Марковиќ од Правниот факултет во Скопје изјави:

“Постои она што е типично стереотипно гледање на ниво на колективна психологија кај сите балкански народи. Да не зборуваме за случаите Караџиќ и Младиќ, не треба да ве потсетувам што се случи во Хрватска со случајот Главаш. Не гледам дека сценариото во Македониија може да биде поразлично. Знаете какви реакции имаше и по повод случаите Бошковски и Тарчуловски.“

Индикативно е што евентуалните судски процеси во Македонија против командантите на ОНА ќе се совпадне со одлуката за идниот статус на Косово. Некои од обвинетите сега се пратеници од албанскиот политички табор, од опозионата ДУИ или од владеачката ДПА. Инаку со амнестијата за војната во 2001 година се опфатени сите припадници на ОНА.