1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаџиќ во Хаг - Србија во ЕУ?

20 јули 2011

Европската унија го поздрави апсењето на Горан Хаџиќ, осомничен за воени злосторства за време на војната во Хрватска како „нов важен чекор на Србија во остварувањето на нејзините европски перспективи.“

https://p.dw.com/p/120AF
Горан ХаџиќФотографија: dapd

Српскиот претседател Борис Тадиќ потврди дека утринава е уапсен последниот хашки бегалец Горан Хаџиќ, осомничен за воени злосторства за време на војната во Хрватска и соопшти дека апсењето се случило на Фрушка Гора. На вонредната конференција за новинари Тадиќ не сакаше да ги открие деталите околу апсењето и ги отфрли шпекулациите дека властите знаеле каде се крие Хаџиќ. „Србија заврши едно најтешко поглавје во соработка со Хашкиот трибунал“, рече Тадиќ.

ЕУ го поздрави апсењето на Хаџиќ. „ЕУ го поздравува апсењето на Хаџиќ кое го спроведоа српските власти. Станува збор за уште еден важен чекор за Србија кон остварување на нејзината европска перспектива и подеднакво важен чекор за меѓународната правда“, се наведува во заедничкото соопштение на претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпој и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон.

Двајцата европски дипломати истакнаа дека „српската нација е во процес на соочување со минатото и вртење страница кон подобра европска иднина“.

Hannes Swoboda
Ханес СвободаФотографија: Europäisches Parlament

Европратеникот и известувач за Хрватска, Ханес Свобода оцени дека апсењето на Хаџиќ е голем чекор во поглед на спроведувањето на правдата и голем чекор на Србија во правец кон Европската унија. „Патот кон Европа денес за никого не е едноставен, но сметам дека би била голема грешка за мирот и помирувањeтo токму во Југоисточна Европа, доколку Европа не одговори позитивно, во смисол доделување на кандидатски статус за Србија,“ оцени Свобода.

Јанис Емануилидис од Eвропскиот политички центар во Брисел, напротив не очекува драстично менување на ситуацијата, оти според него Србија и со другите апсења покажала дека е подготвена да го изоди тој пат. Отстранет е уште еден камен, но не е постигнат пробив, оцени аналитичарот. Емануилидис сепак подвлекува дека со ова апсење е затворено значајно поглавје од историјата.

Дел Понте: апсењето на Хаџиќ е голем успех

Carla Del Ponte erhält Theodor-Wanner-Preis 2010
Карла Дел Понте - поранешниот главен обвинител на Хашкиот трибуналФотографија: Britta Radike

Поранешниот главен обвинител на Хашкиот трибунал Карла дел Понте оцени дека апсењето на Хаџиќ е голем успех за српските власти, кој ќе го забрза патот на Србија кон ЕУ. „Српската влада со ова направи огромен чекор напред за демократска и мирна иднина на земјата. Тоа е од големо политичко значење“, додаде Дел Понте.

Според неа, Хаџиќ е „стар познаник на судот“, кого Трибуналот го локализирал во Белград, го следел, и кога е издаден налог за апсење тој исчезнал од својата куќа. „Со ова може да се каже дека мисијата е успешно завршена“, нагласи Дел Понте, додавајќи дека судот во Хаг ќе може, кога ќе завршат судењата, да ги затвори своите врати.

Автор: АТ/ АЛ/ ЖА/ дапд/ миа/

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема