1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Херкуловски задачи за новата грчка влада

Спирос Москову / Превод: Зоран Јордановски18 јуни 2012

Противниците на еврото не успеаја да победат на изборите во Грција, но меѓународните донатори на парична помош не смеат да ги потценат. Коментар на Спирос Москову.

https://p.dw.com/p/15H3X
Фотографија: DW

По подолго време, конечно ден за извесно олеснување за Грција и за Европа: во парламентот во Атина по вчерашните (17.06.2012) избори мнозинство имаат партиите кои се залагат за останување на Грција во еврозоната и за продолжување на напорите за штедење и за структурни реформи. Токму партиите кои со години ја руинираа земјата со неодговорна политика - конзервативната Нова демократија (НД), победникот на изборите, најверојатно во коалиција со социјалистичкиот ПАСОК - сега мораат Грција повторно да ја кренат на нозе.

Таа задача нема да биде лесна. Грција во моментов живее од парите од нејзините меѓународни донатори - Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), ЕУ и Европската централна банка (ЕЦБ). НД и ПАСОК им ветија на избирачите дополнителни преговори во однос на наложените задачи од донаторите. Но, просторот за такви преговори е мал - не оти донаторите се толку непопустливи, како што е уверена грчката јавност, туку затоа што партнерите на Грција се недоверливи во однос на политиката на Атина. Грчките влади во последните три години, на пример, направија драстични кратења кај вработените и пензионерите, но не отидоа многу напред со неопходните структурни реформи или со борбата против затајувањето данок. Сега НД и ПАСОК имаат намера сето тоа подобро да го направат.

Помеѓу донаторите и сопствениот народ

Deutsche Welle Griechenland Redaktion Spiros Moskovou
Спирос Москову, автор на коментаротФотографија: DW

На новата грчка влада и’ претстои од по работ на бездната. По сите одолговлекувања и чекори назад во последните години, сега таа мора да ја стави на доказ пред партнерите својата решеност да ја санира земјата. Истовремено, таа ќе биде соочена со расколебаната јавност, која беше целосно неподготвена за толку драматична реорганизација на државата и сега нема да поддржува никакви нови мерки, ако во догледно време нема на повидок некакво подобрување на состојбата. Во тој поглед секако е позитивно дека во последно време не само во Париз, туку и во Берлин се пробива согледувањето дека политиката за штедење во јужниот дел од еврозоната нема никакви шанси, ако не е придружена со некоја нова програма за поттикнување на стопанството.

Важна улога во артикулирањето на социјалното незадоволство добива радикалниот левичарски сојуз СИРИЗА, втората по сила партија на изборите со околу 27 проценти од гласовите. Од нејзиниот харизматичен лидер Алексис Ципрас не се очекува да биде конструктивна опозиција. Ципрас се залагаше за целосно отфрлање на договорите за спасување на Грција, вклучително и политиката за штедење. Европа може да здивне дека СИРИЗА не стана најсилна партија во земјата. Но како нов фактор на моќ, таа нема да пропушти да ја демонстрира својата новодобиена сила против новата влада - како во парламентот, исто така и на улица. Се’ на се’, новата грчка влада не може да се смета за среќна. Нејзе и’ претстојат Херкуловски задачи.