1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Херта Берлин е нов лидер во Бундеслигата

К.Д.16 февруари 2009

Херта го доби дербито против Баерн и благодарение на киксот на Хофенхајм се искачи на врвот на табелата. Мариа Риш по 33 години и‘ ја донесе првата светска титула на Германија во женски слалом.

https://p.dw.com/p/GvGg
Тимот на Херта БерлинФотографија: picture-alliance/ dpa

Во Бундеслигата по подолго време се случи промена на врвот на табелата. Херта од Берлин е новиот лидер откако во дербито го совлада Баерн Минхен, а Хофенхајм направи кикс на домашен терен каде беше прегазен од Баер Леверкузен со 4:1. Андреј Воронин беше ѕвездата на натпреварот во Берлин кој заврши со 2:1. Токму Воронин ги постигна двата гола против Баерн. Тимот на тренерот Лусиен Фавр со 40 бодови сега е на врвот на табелата. Фавр е горд на своите избраници: „Бевме трпеливи и преку добро изведен контранапад го постигнавме голот кој ни‘ донесе заслужена победа. Морам да кажам дека беше фантастично да се победи Баерн пред 75 000 публика“, изјави Фавр. Хофенхајм, по очајното издание против Баер Леверкузен со 39 бодови е на делба на втората позиција со тимот на Хамбургер, кој пак вчера ја совлада Арминија Билефелд со 2:0. Тренерот на Хамбургер, Мартин Јол смета дека кога неговиот тим прикажува игра како на овој натпревар нема потреба да се стравува. „Многу сум радосен дека сме повторно во врвот на табелата и за разлика од минатата недела не подаривме ниту еден бод“, изјави Јол.

Големи промени во врвот на табелата

Баерн Минхен по поразот во Берлин остана на 38 бодови и падна на четвртата позиција. Баер Леверкузен со победата во Хофенхајм се проби на петтата позиција со 36 бодови. Шести е тимот на Волфсбург кој има три бода помалку. Популарните „Волци“ останаа во зоната која обезбедува место во купот на УЕФА со триумфот на гости во Франкфурт против Ајнтрахт од 2:0, но и благодарение на резултатот од Хановер, каде истоимениот домаќин се избори за реми против фаворизираниот Штутгарт, кој имааше водство од 2:0. Хановер се погруижи за целосен пресврт, дури и поведе, но Томас Хицлсбергер во финишот му донесе бод на Штутгарт. Тренерот на гостите Маркус Бабел по натпреварот оцени дека е задоволен со освоените четири бода во последните два натпревара на гости. „Но, се разбира кога имате водство од 2:0, тогаш морате да го добиете натпреварот“, изјави Бабел.

Fussball Bundesliga VfL Bochum - Schalke 04
Од натпреварот Бохум-ШалкеФотографија: AP

Со бод помалку од Штутгарт, на седмата позиција е тимот на Борусија Дортмунд кој дома одигра само 1:1 против Енерги Котбус. Тренерот Јирген Клоп секако е незадоволен: „Секако дека сме самокритични и тоа со право. Ова не е нешто што си го претставиме, но сепак мораме да го прифатиме„ изјави стратегот на Борусија Дортмунд. За разлика од него кај неговиот колега од клупата на Енерги Котбус беше воочливо задоволството: „Одигравме добро во одбраната и ги ставивме домаќините под голем притисок. Задоволни сме со резултатот„ изјави Бојан Прасникар.

Шалке и Вердер се` уште се во криза

Шалке 04 и натаму е соочен со проблеми. Тимот од Гелзенкирхен во 20-то коло киксна во Бохум каде претрпе пораз од 2:1. Триумфот за Бохум значи и пласман на 15-то место на табелата. Тренерот Марсел Колер и покрај победата како по обичај беше опуштен во оценката: „Шалке доминираше во делот на поседот на топката, но ние имавме шанси да постигнеме повеќе голови. Се разбира дека е нешто специјално за нашита фанови кога ќе го совладаме Шалке или Борусија Дортмунд“, изјави Колер. На десеттото место на табелата, со 27 бодови, е Вердер Бремен, кој на домашен терен ремизираше со Борусија Менхенгладбах, 1:1. Келн и Карлсруе одиграа без голови, 0:0. Келн ја задржа 11-та позиција со 25 бодови. Карслруе е претпоследен со 17 бодови.

Медал во слалом по 33 годишен пост

Maria Riesch
Мариа РишФотографија: AP

Светското првенство во скијање во францускиот Вал Д`изер, донесе голема радост за Германија, која за прв пат по 33 години доби светски првак во слалом. Новата ѕвезда во оваа дисциплина се вика Мариа Риш, која во саботата извозе одлично во втората финална трка. По првото возење таа беше шеста, но на крајот заврши на врвот со 77 стотинки предност пред Сарка Захробска од Чешка. Сребрениот медал го освои Тања Поутиаинен од Финска. За радоста за Германија да биде комплетна се погрижи биатлонката Кати Вилхелм, која по четврти пат стана светски првак. Трикратната олимписка победничка триумфираше на трката на 7,5 километри на светското првенство во Пјонгчанг во Северна Кореа. Вилхелм победи пред својата сонародничка Симоне Хаусвалд која го освои сребрениот медал.