1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Химната на „Шалке 04“ е расистичка?

5 август 2009

Мохамед бил пророк, кој не се разбирал од фудбал! Овие стихови од навивачката химна на клубот „Шалке 04“ ги вознемирија муслиманите. Прашање е зошто темата дури сега се вжештува, кога строфата е воведена уште во 1963?

https://p.dw.com/p/J45w
Сината и белата се бои што ги избрал Мохамед?

Додека околу „Шалке“ се крева толкава врева, во самиот клуб стана прилично тивко. Никој ништо не кажува за протестите на муслиманите. Клубот ангажирал експерт по ислам за натамошни консултации. Тој ќе се занимава со стиховите кои во 1963 година беа додадени на песната „Сино и бело, колку те сакам“, која оригинално потекнува од 1924 година. Полицијата од Гелзенкирхен ги проверува 350 пристигнати електронски пораки, но досега не наишле на ниедна сомнителна. Сепак, работата се сфаќа сериозно. Причина за сево ова се следниве стихови:

„Мохамед бил пророк

Кој ништо не разбирал од фудбал.

Но од сиот раскош на бои

сепак ги избрал сината и белата“.

Темата во муслиманскиот свет ја отвори турскиот весникот „Хуријет“, по што со неа почнаа да се занимаваат и турските блогери. Оттогаш се трупаат коментари и реакции на Јутјуб. Муслиманите веруваат дека песната го исмева Мохамед - мислење што не го делат многумина турски фанови на клубот „Шалке“.

„Песната е стара веќе педесет-шеесет години. Ние живееме во Рурската област и имаме цела миграциска историја зад себе. Турците порано ги означуваа како ’Мохамеданци’. Можеби навивачите сакале само да потенцираат дека дури и оние кои се тука доселени, се поистоветуваат со сино-белата боја на клубот, а како симбол за тоа го зеле Мохамед“.

Треба да се погледнат околностите

The Prophet Muhammad, Der Prophet Mohammed Darstellung aus dem 17. Jahrhundert
На сликата се гледа пророкот Мухамед, кој исто така е облечен во сино и белоФотографија: wikipedia.org

Сепак, се поставува прашањето зошто оваа тема толку се вжешти. Објаснувањето од некои страни, дека тоа се должи на сезоната на годишни одмори, во која не се случуваат позначајни работи, не е доволно. Генералниот секретар на Централниот совет на муслиманите во Германија, Ајман Мазјек предупредува стравовите да не се сфаќаат сериозно и укажува на целиот контекст.

„По убиството на муслиманката во Дрезден, муслиманската заедница е многу напната. По овој случај и слабото санкционирање од страна на политиката и јавноста, муслиманите се чувствуваат многу понесигурни. Ми се чини дека нивната реакција на стиховите од песната треба да се гледа во овој контекст. Мораме да ја смириме топката и да причекаме. Ми се чини дека ако околностите не беа такви какви што се, немаше да дојде до ескалација“, вели Мазјек.

Можно е да дојде до бојкот на натпреварите

Централниот совет на муслиманите нема да побара издавање забрана на песната, туку само објаснување за нејзината заднина. Сепак, ова не е мислење на сите верници. Најрелигиозните меѓу нив, кои истовремено се и фанови на „Шалке“, наводно веќе се заканиле со бојкот на натпреварите на домашен терен. Веќе в сабота тимот го има првиот настап во Бундеслигата. Останува да се види дали ќе биде испеан спорниот стих. Клубот е во дилема. Ако се реши да се пее, ќе ги има длабоко религиозните муслимани против себе; ако се реши да не се пее, го очекува емотивна контра-реакција од навивачите. Навивачот Рамазан Коча е во исчекување пред натпреварот во сабота и навистина жали за сенката што навивачката песна ја фрла врз неговиот клуб: „Лично сметам дека е штета што токму ’Шалке‘, единствениот фудбалски клуб кој во својот статут има напишано дека кај него нема место за дискриминација и расизам, сега се соочува со вакви проблеми“.

Автор: Нилуфер Парасиз / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска