1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хип-хоп и религија

26 декември 2009

Тие носат пирсинг и тетоважи, се молат и рапуваат. „Азија Конекшн“ е најуспешната муслиманска хип-хоп група во Турција. Но, постои и критика, од двете страни, и од верниците и од другите. Сега излезе нивниот втор албум.

https://p.dw.com/p/LDrp
ЏамијаФотографија: Istanbul European Capital of Culture

Тесна уличка во Кадикеј, омилен кварт од стариот азиски дел на Истанбул. Притиснат меѓу малите кафулиња виси жолт графит над излогот: Кадикеј Ацил, на германски: Повик за помош.

Во преполната продавница владее полумрак. Се слуша турска хип-хоп музика, на закачалки и кукли висат маици во најголема величина, на продажба се капи и пантолони. Стил кој ретко се гледа на улиците на Истанбул. Хип хоперите како Зифе, со маици до колена, со натписи во златна боја, овде паѓаат в очи: „Редовно одам на молитва со обетки, моите пријатели се тетовирани. Другите луѓе зјапаат во нас како да сме чудовишта, помило би им било да изгледаме како обични верници“, вели Зифе. Тој секој ден оди во Кадикеј Ацил и таму се среќава со другите хип-хопери.

Koran.jpg
КоранФотографија: DW

„Азија Конекшн“ е создадена пред една година, она што за странците звучи како сосем нормален хип хоп, е сепак нешто посебно: Зифе е верник, а и неговите текстови исто така: „Јас сум муслиман, без паника, јас сум муслиман.“

Во продавницата доаѓа партнерот на Зифе, во црно бели „Адидас“ пантолони, со слушалки околу вратот. Неговото уметничко име е Радикал, така и се претставува. Порано, вели тој мазнејќи ја брадата, хип хопот и религијата беа две одделни работи во мојот живот, денес се едно.

Слушам пред се‘ француски рап, најчесто француските рапери се муслимани со арапски корени. Нивните песни обично почнуваат со „Во името на Бог“, или со зборови од Коранот. Се прашав, зошто и јас не би се обидел?

Поделени реакции

Радикал и Зифе така во 2008 година го подготвиле првиот хип хоп албум. „Сакавме всушност да направиме 12 нумери, но наеднаш се исплашивме од реакциите на луѓето. Во Турција секој може слободно да ја избира и практикува верата. Но, не знаевме како ќе биде прифатена комбинацијата од ислам и странски музички стил. Се плашевме од неразбирање.“

На крајот албумот имал три песни. Но, тие имале успех, биле симнувани преку интернет: „Добив многу и-мејлови преку ’Фејсбук’ и ’Мајспејс’. Ме благословуваа, ми пишуваа дека мојата музика можат да ја слушат со семејството или родителите. Бевме навистина горди.“

Mihrimah Sultan Moschee
ЏамијаФотографија: CC Josep Renalias

Некои ги сакаат, некои ги мразат. Постојано доаѓа критика од страна на религијата, објаснува Радикал: „На пример еден преку ’Мајспејс’ ми напиша: тврдиш дека си муслиман и правиш муслимански рап. Не знаеш ли дека ваквата музика е грев? Ми испрати неколку извадоци од Коранот. Се обидуваме да ги игнорираме ваквите работи, инаку не би можеле воопшто ни да живееме во Турција.“

Идентификација со религијата

Од 11 септември 2001 година политичките аналитичари и социолозите забележуваат се‘ поголемо свртување на младите во Турција, но и во арапскиот свет, кон исламот, нивно идентификување со религијата. „Азија Конекшн“ и нивниот исламски хип хоп одат со овој тренд.

Нивната публика се зголемува секојдневно откако нивните текстови станаа религизони. Дали е тоа само маркетинг? „Господ знае дека ова не го правам само заради повеќе публика. Јас тоа едноставно го чувствувам. Пророкот не‘ овласти да го шириме исламот. Јас имам талент, можам да допрам до луѓето. Добро е ако можам да инспирирам и убедам макар и еден од 10 илјади.“

А на „Азија Конекшн“ тоа одамна и‘ успеа: излезе нивниот втор албум.

Автор: Луизе Заман / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска