1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хомофобијата – пат кон насилство

Кристина Озимец19 ноември 2012

Нападот врз двајцата учесници на „Маршот за толеранција“ е плод на хомофобичната кампања која подолго време се води од страна на Владата и одредени невладини организации, коментираат познавачите.

https://p.dw.com/p/16lor
Фотографија: picture alliance/dpa

Три години по ред на маршот немаше никакви инциденти, но годинава двајца луѓе завршија со полесни повреди, откако беа физички нападнати со клоци и тупаници од Г.М.(38) од Скопје кој носел маска на главата.

Еден од нападнатите учесници на маршот, Кочо Андоновски за Дојче Веле вели дека тој осум години веќе јавно се декларира како хомосексуалец и постојано е присутен во медиумите, но за прв пат е физички нападнат на еден ваков настан.

„Очигледно Владата има успешна хомофобична кампања која резултираше со насилство. Институциите, функционерите и луѓето кои пропагираат насилство кон ЛГБТ луѓето, ја сносат одговорноста и ова насилство кое се случи годинава оди на нивна совест“, вели Андоновски.

Говор на омраза

И Ирена Цветковиќ од Коалицијата “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници”, чиј сопруг исто така беше физички нападнат на Маршот за толеранција има идентичен став за насилството на јавниот настан.

Logo der Menschenrechtsorganisation Amnesty International gegen Homophobie
Лого на Амнести интернешнл- „Љубовта е основно човеково право“

„Ова се ефектите од континуираниот говор на омраза и нетолеранција кон ЛГБТ популацијата која доаѓа од страна на министри, носители на моќ или медиуми кои треба да имаат во предвид што можат нивните зборови да мотивираат и мора да ја знаат нивната одговорност“, вели таа за ДВ.

Хелсиншкиот комитет за човекови права и уште неколку други организации побараа од премиерот Никола Груевски, министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска да го осудат насилството и „да ја прекинат негативната кампања што ја водат заедно со провладините медиуми, насочена против ЛГБТ лицата“.

Од МВР за ДВ велат дека лицето кое ги нападна двајцата учесници на маршот е приведено и за него ќе следи соодветна пријава, додека од Владата засега не се достапни за коментар за инцидентот.

Познавачите коментираат дека во Македонија дискусијата за почитување на правата на ЛГБТ популацијата, недискриминацијата и толеранцијата, тргнала во сосема друга димензија, која не соодветствува со реалноста.

ЛБГТ популацијата нема никакви права

Социологот Илија Ацески вели дека ниту една организација во земјата не побарала дозволување на брак на геј двојките или пак посвојување на деца, а сепак дебатата се води во таа насока.

Serbien Rechtsextremismus
Судири на противниците на геј-парадата во Белград со полицијатаФотографија: picture-alliance/dpa

„Ова и даде вонвременска димензија на дискусијата бидејќи Македонија е далеку од тие работи. Кај нас постои огромно непочитување во јавната сфера насочено кон оваа популација. Ова непочитување се изразува преку различни пораки за елиминација на тие луѓе, што говори за нетолеранција и дека не се движиме кон прогрес. Овој говор кој се создаде во медиумите, доведе кон ова насилство“, вели Ацески.

Тој додава дека државата мора да воспостави елементарен механизам за остварување на правата на оваа популација.

Маршот за толеранција кој го одбележува Светскиот ден на толеранцијата, годинава беше посветен на почитувањето на правата на ЛГБТ популацијата и правата на жените.