1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хонорарците на протест

Катерина Блажевска13 февруари 2015

Протестот ќе започне во 14 часот пред Собранието, ќе продолжи пред Владата, а ќе заврши во капмусот на УКИМ, каде ќе им биде изразена поддршка на студентите и нивната слободна зона

https://p.dw.com/p/1Eb2E
Фотографија: Getty Images

Хонорарците денеска на протест повторно ќе им кажат „не“ и на усвоените измени на законите за придонеси за хонорарна работа. Потписниците на Повелбата за солидарност за заштита на работничките права, граѓански здруженија, активисти и поединци соопштија дека остануваат цврсто на барањата доставени на 12 декември, од кои првото е – целосно повлекување на законските измени. И покрај тоа, никој не ги зеде предвид нивните сугестии и прашања за бројните нејасноти и конфузии, со што многу контраверзи влегоа и во втората „поправена“ верзија на спорниот закон, што Собранието завчера ја усвои. Незадоволството од ваквиот однос хонорарците денеска во 14 часот ќе го изразат пред Собранието, од каде ќе продолжат кон Владата, а протестот ќе го завршат во капмусот на УКИМ, каде ќе им изразат поддршка на студентите и нивната слободна зона.

Дискриминаторски закон

Според последните измени, вработените нема да плаќаат придонеси ако остваруваат месечни хонорарни приходи кои се помали од износот на просечната нето плата во земјата од 21.300 денари. Тие ќе плаќаат придонеси само на разликата која го надминува тој праг. Невработените, пак, кои примаат хонорари, се ослободени од плаќање придонеси до износот на минималната плата која сега изнесува 9.590 денари и ќе плаќаат придонеси само на износот кој го надминува овој праг. Со цел да се постигне поголема правичност, со измените на Законот се укина ограничувањето на највисоката основица за пресметка и плаќање на придонесите како по основ на плата, така и по основ на приходи остварени од договори за дело, авторски или друг вид договори. Ваквите правила се предвидува да важат се до влезот на земјава во ЕУ.

Овие измени кои беа предложени од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и најавени како позитивни и поправедни, не го намалија револтот на хонорарците. Тие велат дека со нив уште повеќе се потенцира различниот третман на вработените и невработените, со што првите се ставени во привилигирана положба. Билјана Јовановска, поранешна директорка на Агенцијата за вработување, има голем број забелешки на законските решенија.

„Законот е конфузен, нејасен и непрактичен, а пред сѐ, дискриминаторски. Тоа е обид на секој начин да се дојде до средства за полнење на фондовите. Од друга страна, целта е да се исчистат списоците и во Агенцијата за вработување, да се намалат или избегнат давачките на државата кон граѓаните и да им се скратат правата и субвенции по разни основи. Сметам дека хонорарците не треба со закон да бидат обврзани за плаќање придонеси, особено кога не е дефинирано кога и како ќе се користат бенифитите од платените придонеси“, вели Јовановска. Според неа, апсурдно е тие што немаат редовен работен однос да се принудуваат да плаќаат придонеси, бидејќи, ако сакаат да имаат здравствено осигурување и досега можеа сами да уплаќаат месечни средства за тоа. За сигурност на пензиските денови, тие можат да инвестираат и во доброволниот - трет пензиски столб.

Symbolbild Armut unter Rentnern Altersarmut
Фотографија: picture-alliance/dpa

Токму поради големиот број нејаснотии, минатата недела хонорарците до Министерството за труд и социјална политика доставија куп прашања во писмена форма, повикувајќи се на Законот за пристап до информации од јавен карактер. Одговори до денес нема, па се претпоставува дека Министерството ќе го користи максималниот законски рок за одговор, од 30 дена. Но, со оглед на големиот број нејаснотии, не е исклучено и Министерството да остане без одговори на многу прашања за овој брзоплето донесен закон, без јавна расправа и без учество на засегнатите.

Владата крши работнички права

Од друга страна, Владата со закон предвиде и фазни вработувања на неодредно време на повеќе од 3.000 досегашни хонорарци во државните и јавни инстутуции. Тоа и стави крај на долгогодишната работна неизвесност на оваа категорија граѓани, но отвори многу прашања за третманот на работничките права од страна власта. Владата со вработувања на хонорарците во државните институции, во образованието и во здравството призна дека досега најгрубо ги кршела работничките права, вели професорот по трудово право, Здравко Савевски.

„Со тоа што Владата најави дека во првиот бран ќе вработи 3.000 хонорарци, самата призна дека го кршела работничките права опфатени со закон, дека тоа се прикриени работни односи, односно дека штедела буџетски пари за нивни придонеси за пензиско и здравствено осигурување, токму преку грбот на работниците. Притоа, станува збор за партиски војници кои од хонорарно вработени, сега ќе станат редовно вработени. Инспекторатот за труд спие, а Владата притисната од сите страни, се обидува да го гасне пожарот“, вели Савевски.

Во овие вработувања, Јовановска, пак, препознава и купување нови, потенцијални гласачи.

„Новите 3.000 хонорарци најверојатно значат подготовка за избори и потенцијални сигурни гласачи кои треба да обезбедат и дополнителна бројка на гласови од своите најблиски. А, администрацијата веќе е гломазна, непрофесионална и бирократска. Во сите институции може да се видат преполни канцеларии, на едно биро седат по двајца административци, а тројца работат на еден компјутер, т.е. еден работи, а двајца анализираат. Ако сакате да остварите некое законското право, може само да заглавите во административен лавиринт од незнаење и суета“, реагира Јовановска.

И плус и минус

ДВ замоли неколку економски аналитичари да ги оценат позитивните и негативните страни на овие мерки. Сублимираните одговори се следни: Со плаќањето на придонесите ќе се намали дупката во социјалните фондови и ќе се зголеми вработеноста, но само под претпоставка дека работодавачите навистина ќе одлучат досегашните хонорарци да ги пријават како вработени на неопределено време. Притоа, на некои од невработените хонорарци со месечни хонорари повисоки од минималната плата, малку им се зголемуваат шансите да добијат трајно вработување. Но, остануваат и клучните дилеми: Прво, дали навистина ќе се случат посакуваните позитивни ефекти или работодавачите ќе го префрлат финансискиот трошок од мерката врз хонорарците по принципот „земи или остави“? Второ, ако сакале работодавачите да им го трансформираат ангажманот на овие лица од хонорарни во трајно вработени, тоа ќе го направеле и без оваа мерка. Трето, мерката е дискриминирачка за невработените хонорарци и ги става во нерамноправна положба во однос на вработените лица што примаат хонорари.

Studentenproteste in Skopje, Mazedonien
По протестите пред Собранието, хонорарците најавуваат дека ќе им дадат поддршка и на студентитеФотографија: DW/P. Stojanovski

Имено, аналитичарите сметаат дека со повластеното решение за вработените лица што примаат хонорари (без придонеси до просечната плата) всушност се излегува во пресрет на бројните лица во разни одбори во јавниот сектор (некои и во по неколку одбори), на кои всушност на овој начин им се компензира релативно пониската плата во јавниот сектор со онаа во приватниот сектор. Истовремено се заштедуваат големи износи на пари, коишто јавните институции ќе требаа да ги плаќаат како придонеси, ако тие се плаќаа за хонорари над минималната плата (според старото решение). Во однос на вработувањата на 3.000 досегашни хоорарци, покрај позитивните страни - зголемување на вработеноста, зголемување на домашната побарувачка и потрошувачка и социјалната сигурност, постојат и многу дилеми. Дали овие вработувања се вкалкулирани во буџетот за 2015 година; Дали институциите во кои ќе се примаат волонтерите поднеле барање до Министерството за финансии за одобрување на прием, и ако е направено, кога било тоа - дали пред да се донесе одлуката за прием во редовен работен однос; По кои критериуми се примаат лица за волонтирање; Дали е тоа транспарентен процес и дали секогаш се примаат најдобрите кандидати; И на крајот, сите ја посочуваат дилемата од неекономска природа: Дали оваа мерка е вовед во предвремени избори?