1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хотелот Палас - споменик на културата?!

8 јули 2010

Државата стави рака врз хотелот Палас во Охрид. Сопственикот „Охрид турист “ се жали. Објектот се распаѓа, а дел од имотите пред него чекаат денационализација. Дали Палас заслужува да биде споменик на културата?

https://p.dw.com/p/ODlq
Фотографија: DW/Milco Jovanovski

Првата сезона за хотелот Палас беше во 1957 година. Реновиран и доградуван до средината на деведесеттите од минатиот век, беше магнет за домашните и уште повеќе за странските гости. Кој знае колку љубови започнале на терасата од хотелот со тивката музика и охридскиот стрмец. Томислав Маниќ бил од оние кои пеел на отворањето. Носталгично вели :

„Во 1957 година, тогаш се отвори грандиозен, за тоа време најмодерен хотел Палас. И верувајте денеска скоро ми е ист, ама ме враќа во минатото, иако не живеам од спомени. Сепак, срцето заигрува.“

Палас под клуч , чека подобри времиња

Хотелот е под клуч. Обраснат во трева, запуштен, се распаѓа. Новите газди, од фирмата „Охрид турист “ најавуваа дека хотелот ќе го урнат и ќе изградат нов со некој светски хотелски бренд. Во меѓу време, Управата за заштита на културното наследство на Македонија пред неколку месеци донесе решение за привремена заштита од втор степен на хотелот Палас и е со важност од 1 година се‘ до изготвување на елаборат за валоризација на овој објект. Директорката на охридскиот Завод и Музеј Тања Паскали Бунташеска за Дојче веле , изјави:

otel Palas in Ohrid Mazedonien - von Schmuckstück zu Ruine
Палас не е осамен случајФотографија: DW/Milco Jovanovski

„Решението создаде многу забуни и кај сопствениците и кај населението во Охрид. Некои дури помислија дека од хотел Палас ќе правиме музеј, ама не е така. Ние единствено го заштитуваме објектот со што бараме да не му се промени намената и и натаму да биде хотел. Дозволуваме одредени санациони зафати на фасадата без доградби и надградби. Сепак, за хотелот да добие повисока категорија дозволивме и негова модернизација во партерот: изградба на базени, голф терени...“

Газдите на Палас поднесле жалба, во која барале хотелот да не се става под трајна заштита на државата. Директорката Бунташеска потврди дека жалбата од страна на комисијата е отфрлена и дека решението е веќе правосилно.

„Срамота е правдата да ја бараме на Меѓународен суд“

Просторт пред Палас е врзан со денационализацијата. Орхан Зекир девет години чека да си го добие наследството од баба му. На просторот пред Палас бил нивниот хотел Турист:

Orhan Zekir Inhaber des Grundstück Hotel Palas in Ohrid
Орхан Зекир чека девет години да си го добие наследствотоФотографија: DW/Milco Jovanovski

„Помислувам на коруптивни зделки, понекогаш дека се работи за дискриминација по национална основа, бидејќи на истата катастарска парцела на која ние имаме побарување, едно македонско семејство со пресуда на Врховен суд си го оствари своето право и си го врати во сопственост имотот. Мојот предмет се‘ уште трае и немаме одговор од Првостепена комисија. Во јули 2002 година е дадено барањето за денационализација.“

Зекир е подготвен имотот да го бара и пред Меѓународен суд:

„Како семејство секогаш сме биле лојални кон оваа држава и очекуваме и државата да биде кон нас. Срамота е во една држава во којашто се‘ уште веруваме дека владеат правото и правдината, правата да ги бараме на меѓународни инстанци, наместо овде каде што живееме и плаќаме даноци.“

Палас не е осамен случај. Годинава се изготвени 40 елаборати за валоризација на објекти под заштита на државата. Се‘ погласни се најавите дека тоа ќе се случи и со комплексот „Летница“ во срцето на Охрид.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска