1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Храбрите жени од Мајдан: Ако сега се плашиме, стравот ќе го чувствуваме секогаш!

Роман Гончаренко / Александар Методијев31 јануари 2014

Тие делат сендвичи, чистат снег и мраз на улиците и им помагаат на ранетите. Стотина украински жени деновиве се ангажираа на демонстрациите во Киев. Солидарноста против Јанукович им го отстранува стравот од насилствата.

https://p.dw.com/p/1Azk0
Фотографија: DW/R.Goncharenko

Централниот плоштад на главниот украински град Киев во минатите недели не беше место на кое во голем број би можеле да се очекуваат жени. Сепак, и тие се овде – стотина илјади Украинки со недели и месеци учествуваат во демонстрациите кои досега не минуваа мирно. Снимките од бруталните судири меѓу демонстрантите и полицијата во меѓувреме го обиколија светот. Неколкумина во тие судири ги загубија и животите, а многумина се ранети.

Но, нив не можеа да ги избркаат ниту пукотниците од полицијата, ниту експлозиите, па дури ни ниските температури и до десет степени под нулата. За разлика од мажите кои често носат заштитни кациги или некакви предмети во рацете за борба со припадниците на полицијата, жените меѓу барикадите се движат без ништо – без никаква заштита.

Учителка и економистка

Меѓу нив се Халјина (50) и Наталија (30) (нивните вистински имиња се познати на редакцијата на Дојче веле). Двете жени се од Киев. Првата е учителка, а втората е раководител на оддел за финансии во едно претпријатие. Тие се пробиваат меѓу барикадите, а во рацете носат голема бела пластична корпа полна со сендвичи со сланина, кои ги делат на демонстрантите. Двете се запознале на Мајдан, како што Украинците скратено го нарекуваат главниот Плоштад на независноста во Киев.

Frauen auf dem Maidan
Халјина и НаталијаФотографија: DW/R.Goncharenko

„Ние сме овде за нашите деца да можат да живеат во една мирна, европска држава. Не одиме таму каде што се пука. Нас, жените, и така таму не не пуштаат“, вели Халјина, која е мајка на два возрасни сина. Таа во моментов е на годишен одмор и секој ден доаѓа овде и помага колку може.

„Овде сме, бидејќи сакаме да покажеме солидарност со оние кои се борат против претседателот Виктор Јанукович. Го правиме она што можеме – правиме сендвичи и им ги носиме на демонстрантите“, вели Наталија. Двете жени додаваат дека нивните сопрузи знаат каде тие се наоѓаат и што прават.

Frauen auf dem Maidan
Жените помагаат и за чистење на мразотФотографија: DW/R.Goncharenko

„Од пукотниците не се плашам, како ни од експлозиите. Јас доаѓам на викенд, а преку недела по работното време. Ако сега се плашиме, тогаш стравот ќе го чувствуваме до крајот на животот“, вели Наталија.

Во моментот кога го изговара ова одеднаш се слуша повик – „Внимание! Снајпери!“. Сите го креваат погледот кон висококатницата во близина. Но, ова воопшто не ги вознемирува Халјина и Наталија. Тие едноставно продолжуваат натаму каде што тргнаа.

Домаќинка и мајка

Неколку метри подалеку се наоѓа Марија, која во вреќа го собира мразот од улицата. Таа има 35 години и е мајка на две деца на возраст од девет и 11 години.

„И јас сум овде поради своите деца. Сакам да пораснат во една демократска земја, а не во диктатура“, вели Марија и додава дека по занимање е домаќинка, но и дека работи во една продавница за деца во Киев.

Frauen auf dem Maidan
Фотографија: DW/R.Goncharenko

„Секој ден доаѓам овде со сопругот. И децата ги водиме со себе и тоа од почетокот на протестите, од ноември минатата година“, вели таа.

Марија е посебно шокирана од бруталноста и човечките жртви на барикадите во Мајдан. Но, и покрај тоа, ниту таа не чувствува страв. „Едноставно да седам дома – не можам“, вели Марија.

Графичка дизајнерка

Малку подалеку од неа, на работ од улицата, во близина на запалени автомобилски гуми стои Оксана.

„Ве молам немојте да ме фотографирате. Мајка ми не знае дека сум овде и не смее да дознае“, вели 20-годишната графичка дизајнерка од Киев. И таа е мајка не петгодишно девојче.

„Дојдов од очај. Не можам да си замислам да живеам во земја во која се случуваат работи како сега во Украина“, вели таа.

И Оксана доаѓа на протестите секој ден по работното време и во текот на викендот. Некогаш таа носи и традиционална супа од зелка и цвекло, наречена боршч. Еднаш дошла и во текот на ноќта, но тогаш се скарала со сопругот.

„Не сакаше да разговара со мене. Рече дека сум полудела“, раскажува Оксана насмевнувајќи се. Но, оваа елегантна млада жена не изгледа како да ја напуштил здравиот разум, туку како некој кој не може поинаку да постапува.