1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска кажа „Дa“ за ЕУ

23 јануари 2012

66,27 проценти од гласачите кои излегоа на гласачките места одлучија да и кажат ДА на ЕУ, додека против гласаа 33,13 насто. Податоците се соопштени по пребројани над 98 проценти од ливчињата. Излезноста е 43,58 проценти.

https://p.dw.com/p/13o9I
Во јули 2013 Хрватска ќе стане полноправна членка на ЕУФотографија: dapd

Премиерот на владата на левата коалиција Зоран Милановиќ причина за слабиот одзив гледа во летаргијата која ја зафати земјата, но и во заморот на гласачите, кои неодамна на парламентарни избори ја бираа новата власт.

„Од денеска дефинитивно сносиме самите одговорност за своите одлуки. Успехот или неуспехот зависи од нас“, рече премиерот Милановиќ.

Kroatien EU Referendum
Премиерот Милутиновиќ, претседателот Јосиповиќ и претседателот на Саборот ШпремФотографија: Reuters

Државниот врв заедно ги чекаше резултатите во Хрватскиот сабор. Денеска е голем ден за Хрватска, која ја одбра Европа и заедницата со сите демократски европски заедници, кои се стремат кон подобар живот. Големото европско ДА е кажано, кратко коментираше претседателот Иво Јосиповиќ.

„Им се заблагодарувам и на оние што гласаа против. И нивното мислење, и нивните стравови и нивните дилеми ќе мораме сите ние да ги земеме в предвид“, рече Јосиповиќ.

Референдум пред десетина години ќе имал речиси апсолутна поддршка

Несомнено, расположението на граѓаните кон ЕУ во минатите десетина години се менуваше. Ако се одржеше референдумот пред предавањето на барањето за членство во 2003-та, би се очекувало речиси апсолутна поддршка на евроинтеграциите.

Денес Хрватите чувствуваат дека Унијата им нанела неправда низ тешките преговори, а посебно со условите што пред официјален Загреб ги ставаше поранешната хашка обвинителка Карла дел Понте, а со позитивните извештаи беше условуван почетокот на преговорите.

Kroatien EU Referendum
Референдум во ХрватскаФотографија: AP

Иако актуелната и минатата власт наместо квалитетни информации, на граѓаните им нудеа рекламна кампања за ЕУ, сепак тие немаа вистински непријател во евроскептиците. Разбудени само неколку недели пред референдумот, противниците на Унијата успеваа на јавни настани да соберат само неколку стотини граѓани. Потсетувањата на почетокот од деведесетите години, застрашувањата со „нова Југославија“ и губењето на суверенитетот не можеа да се носат со желбата за промени и надежта, која на осиромашената Хрватска и тоа како и’ е потребна во овој момент.

Противниците бараат нов референдум

Од „Движењето за Хрватска – НЕ во ЕУ“ реагираа дека референдумот минал во недемократски амбиент и без квалитетна јавна расправа. Противниците на влезот во ЕУ сметаат дека е логично референдумот да се повтори, доколку конечниот резултат на гласачите е под 50 проценти. Сепак, законот вели дека за да пројде референдумот се потребни 50 проценти плус еден глас од оние кои ќе излезат да гласаат.

Kroatien EU Referendum
Противниците на ЕУ помалубројниФотографија: dapd

Иако политичарите тврдат дека Хрватска сега е речиси формален член на ЕУ, граѓаните без еуфорија ги дочекаа резултатите од референдумот. Во ситуација кога премиерот најавува како никогаш до сега толку мал буџет, кратење на платите во јавниот сектор и зголемување на даноците, Хрватите се свесни за кревкоста на самата Унија, но и за тешката работа што мора да ја направи Хрватска по барање на Брисел. Загрижува и фактот што голем број од граѓаните како главна предност од влезот во ЕУ ја наведува можноста за барање работа на пазарите на труд во некои други земји.

Конечните резултати од референдумот ќе бидат објавени откако ќе се пребројат гласовите од сите избирачки места во странство.

Автор: Синиша Богданиќ/ хрт/ хина/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска