1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска (не) го сака еврото

Игор Ласиќ
29 мај 2017

И покрај големите дилеми во Хрватска околу воведувањето на еврото, и натаму отсуствува поширока јавна расправа за најавените чекори. Дел од економистите се скептични дека тоа ќе ѝ донесе добро на економијата

https://p.dw.com/p/2djIe
Symbolbild EU-Beitritt Kroatien
Фотографија: Fotolia/Comugnero Silvana

Хрватска следниот месец најверојатно ќе излезе од процедурата на ЕУ за прекумерен дефицит, согласно актуелниот предлог на Европската Комисија до Советот на ЕУ. Јавните финансии, како што е веќе познато, влегоа во помирни води, со што државата засега излегува од ризичната фискално-политичка зона. Напуштањето на процедурата која значи принудно дисциплинирање на државно-буџетската политика, сепак, повлекува натамошни дискутабилни чекори. Како што веќе изјави Борис Вујчиќ, гувернер на Хрватската народна банка, следува влегување на земјата во фактичната чекалница за воведување на еврото.
Поточно, гувернерот не користеше такво описно име за претстојната процедура, но Европскиот механизам за девизниот курс, во пракса значи токму тоа. Но, со самото тоа се наметнува дополнително прашање за контекстот на работите: што точно за хрватското стопанство денес би претставувал таквиот потег? Од една страна, хрватската валута- куна уште од крајот на 20. век е врзана за курсот на еврото, а од друга, одвоената валута и натаму укажува на минимумот преостаната монетарно-политичка самостојност. Цената на таа поврзаност е корист за увозот и банките, наспроти извозот и речиси уништеното домашно производство.

Не е само техничко прашање

Гласовите на отпор кон таквата политика, иако доста ретки, исто така укажуваат на опасноста од т.н. грчко сценарио за Хрватска. Оттука, очигледно е дека на крупните промени во тој правец би морала да им претходи исцрпна и содржајна јавна дискусија, каква што недостасува. Монетарните прашања им се препуштаат исклучиво на технократски настроени економисти кои очигледно ги поддржуваат приоритетите на финансиската индустрија и со неа поврзаниот крупен капитал. „Но, прашањето за воведување на еврото не е само техничко прашање, не се однесува само на тесните финансиски и банковни аспекти“, смета социологот на економијата Марко Грдешиќ.

Marko Grdesic
Марко ГрдешиќФотографија: Jovica Drobnjak/dnevnik Novosti

Тој смета дека земјите кои имаат сопствена валута секогаш имаат повеќе потенцијален маневарски простор од оние кои го немаат. „Дури и ако Хрватска досега многу не ја користеше својата монетарна сувереност, фактот дека домашната валута постои ја остава отворена таа можност. Доколку Хрватска влезе во еврозоната, свесно се откажуваме од некои економски алатки. Освен тоа, преземањето на еврото би ја забетонирало политиката на штедење и политиката на дерегулација на пазарот на трудот, бидејќи други методи за постигнување меѓународна конкурентност не би постоеле“.

Кога економистите велат „фискална одговорност“ или „фискална консолидација“, тие всушност мислат на „континуирано штедење во јавниот сектор“, објаснува Грдешиќ. „Кога економистите велат поевтинување на условите за работење, тие мислат на дополнително поевтинување на страната на трудот, односно уште пофлексибилни договори за работа, уште полесно отпуштање, уште послаби синдикати“.

Точка без враќање

Guste Santini kroatischer Wirtschaftsexperte
Густе СантиниФотографија: Igor Lasic

Но, некои експерти сметаат дека сега е веќе доцна за враќање назад, затоа што на Хрватска ѝ преостанува само уште процедуралната формалност. Економскиот аналитичар Густе Сантини вели дека веќе е дојдено до точката од која нема враќање. „Тоа не е однос сакам-не сакам, малку едното, па малку другото. Се согласувам со критичарите на воведувањето на еврото, но се плашам дека тоа веќе отиде предалеку. Иднината ни е премногу врзана за тие процеси, а монетарна политика, всушност и онака веќе немаме“, вели Сантини.

Тој потсетува дека сите хрватски политичари знаеле оти сите централни банки во ЕУ се вон контрола на националните власти. „Јасно е дека тоа за периферните економии не беше добар избор, но обврските се веќе преземени. Сетете се дека нашиот премиер во моментот на пристапувањето кон ЕУ, а тоа беше Зоран Милановиќ, ги прифати критериумите на процедурата за прекумерен дефицит. А не моравме, ниту требаше - некои други отворено се бунеа. Па оттука, сметам дека веќе немаме од што да се плашиме, бидејќи најлошото веќе го презедовме, а тоа во иднина ќе биде само последица на таквата одлука“, заклучува Сантини.