1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска оди на избори: ХДЗ сурфа на бранот на пандемијата

Синиша Богданиќ
18 мај 2020

Хрватскиот Сабор е распуштен и сега изборите мора да се одржат до средината на јули. Владејачката ХДЗ е во предност пред СДП, но коалициската математика може да биде покомплицирана од вообичаено.

https://p.dw.com/p/3cQzm
Kroatien Schwerstes Erdbeben seit mehr als hundert Jahren erschüttert Zagreb | Andrej Plenkovic
Хрватскиот премиер Андреј ПленковиќФотографија: Imago-Images/Pixsell/S. Strukic

Парламентарните избори согласно уставните рокови можат да се одржат на 21 и 28 јуни, односно 5 и 12 јули. Владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) одлучи да ја искористи популарноста стекната на бранот на успешната борба против епидемијата.
Во изминатите два месеци власта привидно им беше препуштена на медицинските експерти кои затвораа училишта и фабрики, прогласуваа карантини и секојдневно известуваа за резултатите. „Стручни, а не подобни“, го коментираа одушевените граѓани овој  потег, но со намалувањето на епидемијата опаѓаше и поддршката за мерките, а беше откриено и дека Националниот кризен штаб го предводеше стручен, но сепак кадар близок на ХДЗ.
Како и да е, мерките и донесоа зголемен рејтинг на владејачката партија. Според истражувањето на јавното мислење на КРО Демоскоп, поддршката за ХДЗ во мај пораснала за два проценти на 30,2 отсто. Социјалдемократите се на второ место со 27,8 отсто. Кај политичарите води премиерот Андреј Пленковиќ со 20 проценти, претседателот Зоран Милановиќ има 18,6 проценти, додека членот на Кризниот штаб и министер за здравство Вили Берош има 15,6 проценти.
Причините за летните избори треба да се бараат и во државната благајна. Имено, доколку не се случи туристичко чудо, Хрватска веќе во септември би можела да доживее голем финансиски пад поради уништувањето на стопанството од коронавирусот, предупредува опозицијата.
Но, како и пред секои избори, на ХДЗ која се претставува како партија на десниот центар, важни му се гласовите на десните гласачи за кои ќе се бори со Татковинското движење на поранешниот претседателски кандидат Мирослав Шкоро. Тоа е деликатна задача за Пленовиќ кој- поради својот политички хабитус, но и европскиот имиџ- не смее претерано да се „контаминира“ со тврдата десница.

Кој со кого ќе коалицира?

Главниот ривал на Пленковиќ, претседателот на СДП Давор Бернардиќ околу себе ја собра коалицијата „Рестарт“ чии темели ја сочинуваат и помалите партии „Глас“, Хрватската партија на пензионерите и „Сила“. Недоволно харизматичен, недоволно способен, недоволно политички зрел- тоа се оценките меѓу симпатизерите на левицата за Бернардиќ за кого велат дека влегол во преголемите чевли на, актуелниот претседател, Зоран Милановиќ. Можеби и тоа беше причината со простачки речник да го нападне главниот секретар на ХДЗ и претседател на Саборот Гордан Јандроковиќ, нарекувајќи го „ректален алпинист“ на Пленковиќ. Но малкумина го поздравија воведувањето на ваква реторика во политичкиот простор.
Истовремено се одвива уште еден обид за окрупнување на десните мали партии кои веќе традиционално за својот пробив ги користат жртвите од војната, пресликувањата на усташкиот поздрав „За дом спремни“ на целата Татковинска војна и приватизација на патриотизмот. Ова движење го предводи Мирослав Шкоро, поранешен член на ХДЗ, бизнисмен и пејач. И покрај очекувањата, во ова јато не влезе „Мост“, на почетокот некохерентен политички проект кој ги обединуваше претседателите на општини и градоначалници, а кој денес ги застапува конзервативните ставови блиски до Црквата.
Со официјалниот почеток на кампањата ќе се расчистат и тактиките, во прв ред на ХДЗ. Прашање е дали Пленковиќ ќе му ја препушти десницата на Шкоро или ќе се ангажира околу неа, на тој начин жртвувајќи дел од гласачите на центарот. Засега е единствено извесно дека ако победи, друштво на Пленковиќ во владата и натаму ќе му прави Самостојната демократска српска партија на Милорад Пуповац.

Kroatien Partei SDP Davor Bernardic
Лидерот на СДП, Давор Бернардиќ е предмет на бројни критикиФотографија: sdp.hr
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема