1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска: Јуриш во минатото

Синиша Богданиќ/ Ж.А.23 јануари 2016

Хрватска официјално доби нова влада на чело со премиерот Тихомир Орешковиќ, чие експозе не даде нужни одговори. Составот на неговиот кабинет ги јакне тврдењата дека во Хрватска се одвива конзервативна револуција.

https://p.dw.com/p/1Hinz
Фотографија: Reuters/A. Bronic

Иако претставувањето на програмата на мандаторот за состав на владата, Тихомир Орешковиќ, медиумите го најавија како мала револуција, и тоа поради фасцинацијата од презентацијата преку power point, самата програма ретко некого восхити. Притоа, се чини тоа е помалиот дел од проблемот, зашто јавноста ден порано исклучително остро реагираше на списокот со имињата на министрите, објавен од мандаторот по неколку недели преговори и 60 извршени разговори, како што рече, со најдобрите од најдобрите.

Агент, историчар и чесна сестра

Може ли високо позиционираниот разузнавач Јосип Буљевиќ, чии луѓе ја малтретираа новинарката Хелена Пуљиз и ја врбуваа да работи за нив, да биде министер за одбрана? Потребен ли е регистер на домашни предавници кого го предложи идниот министер за одбрана Мијо Црноја? И зошто историчарот Златко Хасанбеговиќ, човекот кој тврди дека Хрватска не настанала во антифашистичката борба, е ставен на чело на сиромашното министерство за култура со кое досега немал никакви допирни точки? Ова се прашањата кои ја интерсираат јавноста и Саборот, каде се случи уште едно чудо: мандаторот не одговараше на прашањата на пратениците.

Левоопределниот дел од јавноста веќе заклучи дека станува збор за продолжување на конзервативната револуција која ќе ги доискине човековите права и ќе им се одмаздува на неистомислениците. Еден од доказите се гледа и во фактот што бившата чесна сестра Бернардица Јуретиќ го презема ресорот на социјалата. Но, политикологот Берто Шалај, професор на Факултетот за политички науки, вели дека не може да го потврди тоа.

„Ако зборуваме за Хасанбеговиќ, ова не ми изгледа како продолжение на конзервативната револуција. Би очекувал на тоа и на некои други места да бидат луѓе-заговорници на конзервативни вредности, без оглед дали се во прашање правата на сексуалните малцинства, правото на абортус и слично. Но, добивме предлог кој е против идејата на втемелувачот на ХДЗ, Фрањо Туѓман, кој антифашизмот го сметаше за еден од темелите на хрватската држава. Овој човек сега го негира антифашизмот, а тоа нема никаква врска со конзервативна политичка идеологија“, вели Шалај за Дојче веле.

Повредени суети

Судејќи според општата собраниска расправа за кабинетот на Орешковиќ и неговата програма, која се концентрираше врз усташите и партизаните, тешка е претпоставката дека ваквата влада ќе придонесе за смирување на идеолошките судири во рамките на хрватското општество. Одговорноста, смета Шалај, мора да ја преземат шефовите на ХДЗ и Мост, Томислав Карамарко и Божо Петров. „Повторно видовме како Орешковиќ не сака да одговара на вакви прашања. Очигледно е дека не се снаоѓа добро со нив. Но, да речеме дека тој ќе се занимава со економија“. Шалај е уверен дека Карамарко и Петров мора да истапат и да постават некои граници преку кои не може да се оди. „Можеме да се делиме по линиите на конзервативизам, либерализам, социјалдемократија или било што, но темелните поставки на либералната демократија не смеат да се доведуваат во прашање и Карамарко и Петров мора да ја испратат таа порака, но и да побараат од сите кои се во владата да се однесуваат на таков начин.“

Презентацијата на програмата на мандаторот остави низа отворени прашања, најмногу во врска со надворешната политика, односите со соседната БиХ, справувањето со мигрантската криза. Лидија Кнежевиќ, главна уредничка на порталот Обрис (Одбрана и сигурност) за Дојче веле истакнува оти од нетранспарентните преговори меѓу Мост и Татковинската коалиција не може да се заклучи како ќе изгледа политиката на идната влада во поглед на бегалците и безбедносните предизвици. „Тие прашања, како и некои други, се наметнуваат имајќи во предвид што досега ХДЗ зборуваше, а што мисли Мост за нив, не ни е познато.“

Конечната листа на министри покажа дека се пречкртани некои имиња со кои се лицитираше во текот на преговорите. Личностите кои себе си веќе се претставуваа како министри, се чини се изиграни и понижени, па не чудат и оставките на партиски функции последните денови. „ХДЗ и Мост примораноста ја претставуваат како врлина. Тие мораа да се согласат на таков преговарачки процес, но меѓусебното право на вето беше многу чудно. Сега постојат повредени суети и луѓе на кои им беа ветени места, а не ги добија. Тоа предизвикува сериозни поделби во ХДЗ и во Моста“, вели Шалај.

Владата, заклучува овој политиколог, не произлегува од некоја јасна политичко економска програма, туку е резултат на необични преговори и компромиси. „Таа е експеримент ретко виден во современите демократии. Секако, сите и‘ посакуваме добро на владата, зашто тогаш ќе ни биде добро на сите нам. Но, би морало да се случи чудо за оваа влада квалитетно да ја врши својата работа.“