1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Христијаните бегаат од Египет

25 октомври 2011

Од соборувањето на режимот на Мубарак во Египет се’ почести се инцидентите против тамошните коптски христијани. Многумина се чувствуваат загрозено и ја напуштаат татковината. Веќе побегнаа 100.000 луѓе.

https://p.dw.com/p/12yK2
По соборувањето на режимот на Мубарак 100 000 христијански копти го напуштиле ЕгипетФотографија: picture-alliance/dpa

Тамер Рефат Салама веќе ги спакува куферите. За неколку денови би требало да добие виза и да оди во САД. Овој коптски христијанин веќе долго време сонува за иселување, надевајќи се на рамноправност и слобода на вероисповедта.

„Во Египет како копт се чувствувам дискриминирано, посебно на работа“, вели тој.

Тамер не е единствен. Според податоците од египетската организација за човекови права од падот на Мубарак околу 100.000 Копти го напуштиле Египет. Повеќето од нив, како и 29 годишниот Тамер, се млади и добро образовани, но во својата татковина не гледаат шанса и сметаат дека ги загрозуваат радикалните муслимани и Воениот совет. Тие стравуваат за својата иднина.

Ägypten Kairo Kopten Anschlag
Коптите претставуваат 10 проценти од населението во ЕгипетФотографија: AP

Крвави напади врз христијаните

Уште од државниот удар на Насер во 50-ите години, Коптите во Египет се систематски дискриминирани. Ретко добиваат право да градат цркви и немаат можност да дојдат до водечките позиции во државата. Речиси секоја година се случуваат насилни напади врз таа верска заедница. Во Египет живеат околу осум милиони коптски христијани, што претставува околу 10 проценти од вкупното египетско население.

Нападите зачестија по падот на Мубарак и стануваа порадикални и покрвави. На почетокот од март беше запалена една црква во предградие на Каиро. Потоа следуваа судири во кои загинаа 13 луѓе. Два месеци подоцна беа запалени уште две цркви. Во тие судири меѓу муслиманите и христијаните загинаа околу 15 луѓе. На почетокот на април салафистичките муслимани нападнаа црква на југот од Египет. Против тоа христијаните и муслиманите протестираа заедно во Каиро, но демонстрациите завршија на 9-ти април со најголемо крвопролевање од крајот на револуцијата против Мубарак. Загинаа 24 луѓе.

Zusammenstöße Kopten und Muslime in Kairo Ägypten
Коптите и организациите за заштита на човековите права веруваат дека војската ги поттикнала нападите во кои загинаа над 50 христијански вернициФотографија: AP

Нагиб Габриел од Египетската унија за човекови права е загрижен за иднината на египетските христијани.

„Пред револуцијата христијаните беа дискриминирани само индиректно, а по револуцијата салавистите и муслиманските братства ги напаѓаат отворено и директно“, нагласува Габриел.

Напаѓачите минуваат неказнети

Воениот совет ги толерира нападите на радикалните муслимани на христијаните, а можеби и ги охрабрува и поттикнува, бидејќи напаѓачите не се казнуваат. Воениот совет до сега никого не го изведе пред суд, додека активистите за демократија и блогерите речиси секојдневно се сослушувани по итна постапка, па дури се и затворани. Тоа ги охрабрува радикалните муслимани.

На видео снимките се гледа дека кај речиси сите насилни напади била присутна и војската, која мирно го набљудувала тоа што се случува. Таа не интервенирала ниту кога христијаните биле линчувани. Крвопролевањето од 9-ти април било дури поттикнато од војската. Воената единица, која била распоредена таму, пукала на не наоружаните христијани и ги газела со воените возила.

Сепак, нема сите Копти да го напуштат Египет. Бешој Фајез останува. Тој сака да ја промени својата земја.

„Останувам овде за да го решиме проблемот. Иако имаме различни религии, сите ние сме Еѓипќани“, вели Фајез.

Kairo Proteste
Христијанските копти заминуваат во други земји, со надеж дека нема да живеат во страв од дискриминација на верска основаФотографија: picture-alliance/dpa

Далечен пат до слободата

Бешој Фајез се залага за Египет без предрасуди и без дискриминација. Тој излегува на улица и разговара со луѓето, се бори за своите права како коптски христијанин и за слободата во Египет. Но, многу други веќе ја загубиле надешта. Тамер се надева дека безбедноста и слободата на вероисповест ќе ја најде во Америка.

„И таму има православни цркви и верски живот како во Египет“, вели тој.

За животот во слобода на Тамер му треба само уште визата и да помине пат од неколку илјади километри. За луѓето во Египет патот до слободата е многу подолг. Тамер може да си замисли дека еден ден можеби ќе се врати. Но, само ако во Египет владее вистинска слобода и ако може таму да живее без страв.

Автор: Викторија Клебер/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска