1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хјуман Рајтс Воч: Расте отпорот против автократите

Дана Александра Шерле
17 јануари 2019

Во Светскиот извештај за 2019 година Хјуман Рајтс Воч оценува дека на глобално ниво луѓето сѐ повеќе се борат за своите права. ХРВ уште од 1989 година објавува годишни извештаи кои најчесто се фокусираат на диктатури.

https://p.dw.com/p/3BhnZ
Human Rights Watch Logo Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Macdougall

Извештајот нуди главно мрачна слика за ситуацијата во светот. Но, има повеќе за политика отколку за угнетување: во Светскиот извештај за 2019 година, презентиран денеска, невладината организација Хјуман Рајтс Воч оценува дека на глобално ниво луѓето сѐ повеќе се борат за своите права. „Додека автократите и злоупотребите се на насловните страници, поборниците за заштита на човекови права, демократија и владеење на правото исто така добиваат на сила“, пишува во воведот Кенет Рот, извршен директор на Хјуман Рајтс Воч.

„Истите тие популисти кои шират омраза и нетолеранција, креираат отпор којшто ги добива битките. Победата никогаш не е сигурна, но доволно често се случуваше во изминатата година за да може да се очекува дека испадите на автократското владеење потхрануваат силен противнапад.“

Human Rights Watch Kenneth Roth
Кенет Рот, извршен директор на Хјуман Рајтс Воч.Фотографија: dapd

ХРВ уште од 1989 година објавува годишни извештаи кои најчесто се фокусирани на диктатури. Овогодинешниот фокус е на „автократи и популисти со авторитарни тендендии и на растечкиот отпор против овие политичари", вели за ДВ, Венцел Михалски, директорот на ХРВ за Германија.

Жешката точка на ЕУ

Извештајот опишува како десетици илјади Полјаци многупати излегоа на улиците за да ја одбранат независноста на судскиот систем во земјата и како судиите одбивале повлекување од позициите и покрај политичките притисоци.

Во Унгарија илјадници луѓе протестираа против премиерот Виктор Орбан и неговиот план да го затвори Централноевропскиот универзитет и да воведе закон кој ќе овозможи да се одложи плаќањето за прекувремена работа до три години. ХРВ ја фали одлуката на Европскиот парламент да започне процес за да се санкционира Унгарија според член 7 од договорот за ЕУ.

Ungarn Proteste
Расте притисокот на автократите, но расте и отпорот на граѓанитеФотографија: Getty Images/L. Balogh

Во однос на другите извештајот на ХРВ утврдува дека „гласачите во Малезија и Малдивите ги тргнаа од власт корумпираните премиери, по масовните протести заради корупција оставка си даде премиерот на Ерменија, во Етопија под притисок од народот беше сменета владата која долго време ја злоупотребуваше својата позиција и на нејзино место дојде премиер кој има импресивна реформска агенда."

Според ХРВ, во САД опозициската Демократска партија има контрола во Претставничкиот дом, главно заради тоа што гласачите одбија да го поддржат обидот на Доналд Трамп да предизвика страв и „криза од обидите на луѓето да се избегне насилството во Центална Америка преку барање азил во САД".

И покрај добрите вести од други места, за Михалски Кина останува посебен случај на загриженост за ХРВ: „Во оваа земја, слободата на говорот и цивилното општество се уништени." Кинескиот претседател, Ши Џинпинг „сѐ повеќе се претвора во диктатор", вели Михалски, додавајќи дека владата дури и се труди да „извезува модел на кршење на човековите права" и во други земји преку иницијативата „Еден појас, еден пат“.

Мешани податоци од Германија

Во својот вовед Рот нуди примери на „човечката цена" на автократските режими, како хиперинфлацијата и економското уништување во Венецуела и „ширењето на вонсудски убиства како дел од 'војната за дрога' на Филипините“. Уште повеќе, „затајувањето“ на некои политички фигури, вклучително и оние со автократски тенденции, од одбрана на човекови права надвор од нивните граници, „им го олеснува патот на бруталните лидери да не одговараат за големите злосторства, како на пример, војната во Сирија во цивилни области кои ги контролираат антивладини сили, бомбардирањето предводено од Саудиската коалиција и блокадите заради кои се убиваат и гинат јеменски цивили, како и масовните убиства на војската во Мјанмар, силувањата и злоделата против муслиманите Рохинга“, вели Рот.

Wenzel Michalski Direktor von Human Rights Watch Deutschland
Венцел Михалски: Нема транспарентност кога се работи за испорака на оружјеФотографија: DW

И покрај дејствијата на Саудиска Арабија во Јемен, кралството долго време е топ-клиент на германската воена индустрија. Мораше да се случи бруталното убиство на саудискиот новинар Кашоги за Германија да престане да испорачува оружје во земјата.

„Одново и одново читаме извештаи во медиумите за испорака на оружје во Саудиска Арабија", вели Михалски. „Нема транспарентност кога се работи за испорака на оружје бидејќи таквите купопродажни договори подлежат на правила за тајност." Тој оценува дека во една демократија „граѓаните на земјата треба да имаат право на глас за такви прашања". Од друга страна, додава Михалски, ХРВ во извештајот истакнува дека „одговорноста да се води грижа за заштита на човековите права и да се критикуваат повредите на истите се сфаќа посериозно во Министерството за надворешни работи и во кабинетот на Канцеларката отколку пред неколку години." Затоа тој е оптимист и за Германија.