1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Царинска унија на Западен Балкан: Кој би профитирал?

Ивица Петровиќ
9 јуни 2017

Поранешниот српски премиер и актуелен претседател е иницијатор на царинска унија на Западен Балкан. Не е многу познато што под тоа точно се подразбира. Експертите велат: идејата не е лоша, но има низа пречки.

https://p.dw.com/p/2br1F
Deutschland Frauen und Karriere Symbolbild Karrieresprung
Фотографија: Fotolia/alphaspirit

Српскиот претседател и поранешен премиер Александар Вучиќ е силен промотор на идејата за т.н. царинска унија на Западниот Балкан. Според неговите зборови, „интеграцијата на трговијата и транспортот е најдиректна патека за напредок“. Српскиот претседател смета дека иднината на регионот е во рамките на Европската Унија, а поголема економска интеграција на Западниот Балкан е добар чекор во тој правец.

Идејата во моментов не им е до крај јасна ниту на стручњаците, па под шифрата царинска унија секој продразбира што му е волја. Вучиќ забележа дека таквата идеја ја поддржуваат Србија, Босна и Херцеговина и Македонија, па оттука има земји кои и не се заинтересирани за ваков вид унија. Недостатокот на ентузијазам на одделни земји засега претставува и најголема препрека за реализација на оваа идеја.

Политичка или економска идеја?

Идејата за царинска унија е повеќе политичка отколку економска, смета главниот уредник на неделникот НИН, Милан Ќулибрк. Тој верува дека идејата не дошла автентично од Белград, туку дека е родена надвор од Балканот: „Тоа ми изгледа како уште еден обид да се смират зовриените политички страсти и нестабилност кои се шират во регионот.“

Ќиулибрк во разговор за ДВ вели дека економската причина за формирање таква заедница не постои, затоа што веќе функционира ЦЕФТА, договорот за слободна трговија во кој пред пристапувањето кон ЕУ учествуваа Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија, Хрватска и Словенија, а денес тука се земјите од Западен Балкан плус Молдавија. И во протоколот од еден бриселски состанок на Работната група за проширување на ЕУ, за кој известуваше ДВ, стои дека Европската Комисија ја поздравува идејата за економска интеграција, но дека некаква нова унија не е најдобро решение, туку дека и натаму треба да се соработува во рамките на ЦЕФТА.

Mazedonien Preise Vergleich
На рафтовите во скопските продавници се продава сол, so и solФотографија: DW/K. Delimitov

Во досегашното функционирање на ЦЕФТА гледаме дека се појавуваат проблеми, затоа што некои држави, притиснати со свои проблеми, практично ја ограничуваат примената на некои одредби кои овозможуваат слободна трговија“, додава Ќулибрк. Проблемите кои реално се јавуваат можат да се решат и без формирање нова царинска унија, вели нашиот соговорник, и како пример го истакнува фактот што стоката на одделни граници чека со денови за да биде увезена.

„Забавиште за ЕУ“

Попозитивно за идејата за царинска унија зборува економскиот аналитичар Мијат Лакичевиќ. „Самата идеја е добра, но е 'на долг стап'“, оценува тој. „Пред сѐ, потребна е политичка стабилност за да дојдете во ситуација да разговарате само за економски прашања, а знаеме колку лошо стоиме кога е во прашање политичката стабилност. Економски погледнато, тоа би имало резон, затоа што економиите се комплементарни, но прашање е колку и државните администрации се подготвени за такво нешто.“

Економистот Саша Џоговиќ на идејата за царинска унија гледа како на чекор понатаму од ЦЕФТА-договорот, зашто на тој начин ќе се усогласат царинските тарифи кон сите трети земји. Но, Џоговиќ истовремено предупредува дека „не би требало да се очекува тоа да се случи бргу и дека многу работи ќе зависат од степенот на политичка волја во одделни држави.“ Србија, додава Џоговиќ, има договор за слободна трговија со Русија, односно Евроазиската унија, и можеби не би ѝ се исплатело да го напушта тој договор на сметка на некој нов, регионален. Од друга страна, доколку двата договора би биле усогласени, пазарите на Евроазиската унија би можеле да бидат дополнителен стимуланс за останатите земји на Западен Балкан.

„Соработката е во интерес на сите“

Едно од можните читања е дека некаква балканска царинска унија навестува дека земјите од регионот нема (наскоро) да бидат примени во ЕУ, која можеби во прв ред е економска и царинска унија. „Ова е забавиште за сите тие држави, за да се види дали тие воопшто се способни еден ден да бидат примени во ЕУ. Значи, ајде вие малку поиграјте си, повежбајте, за да видите како тоа изгледа, за да можеме еден ден да разговараме за тоа да влезете во една вистинска царинска унија каква што е ЕУ“, толкува Ќулибрк.

И за големи и за мали

Во разговорите за царинска унија многу често се слуша дека таа можеби најмногу би ѝ одговарала на Србија, зашто таа е и најголем извозник од земјите кои се во игра. Судејќи според тоа дека Србија има трговски суфицит со останатите земји, тоа би требало нејзе најмногу да ѝ одговара, забележува Мијат Лакиќевиќ. „Но, тоа е тесен поглед“, додава тој. Колку некоја земја профитира од слободната трговија не зависи од нејзината големина, туку од економскиот амбиент, уверен е Лакиќевиќ.

„Самата царинска унија, доколку се искористи паметно, може да биде добра и за помалите земји, затоа што добиваат пристап кон поголеми пазари без царина“, додава тој.

Пребројувањето колку на која земја ѝ одговара таква унија лесно може да заврши во суверенистичка и националистичка реторика. Во таков случај, идејата однапред е пропадната, вели Саша Џоговиќ. „Тоа, на некој начин, е и испит за политичарите во регионот. Затоа, времето ќе покаже дали ова ќе биде само уште една парола од маркетиншки тип, или ќе следуваат некои конкретни договори, што би било добро за целиот регион.“

На тој начин, додава тој, Западниот Балкан би се позиционирал подобро на меѓународната мапа како пазар кој почнува да соработува, да работи потранспарентно и да нуди пониски трошоци на работењето. „Со помалку бирократија и папирологија, кои често се и главен извор на корупција.“