1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цела Германија дискутира за „сексизмот“

С.Недевски/АТ/вл/ух/дпа/афп/дапд29 јануари 2013

Текст во неделникот „Штерн“ во кој новинарката опишува една средба со шефот на пратеничката група на либералите предизвика голема јавна дискусија за сексизмот во германското општество. Само 67-годишниот политичар молчи.

https://p.dw.com/p/17TRn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во прилогот на „Штерн“ денес 29- годишната новинарка опишува една средба со познатиот германски политичар Рајнер Бридерле до која дошло уште на почетокот на 2012. година. Еден од водечките политичари на либералите (ФДП) наводно направил неколку ласкави забелешки за нејзиниот изглед, со зборовите дека таа би можела добро да го пополни фустанот со длабоко деколте кој традиционално се носи на минхенскиот Октоберфест и се нарекува „дирндл“. Тој притоа и’ ја бакнал и раката. И додека водечкиот кандидат на ФДП на престојните парламентарни избори на есен молчи, во Германија се води јавна дискусија со димензии кои веќе одамна ги надминаа размерите на конкретниот случај. Се расправа за сексизмот во политиката, јавниот живот, работното и обичното секојдневие.
На Твитер се појави и акција под наслов „Врисок“ во која се повикани да се јават жените со слични искуства да раскажат што ним им се случило. За два дена се јавиле 57.000 жени кои биле цел на некој вид сексуално вознемирување. Во најпопуларното ток- шоу на првата програма на германскиот јавен сервис во неделата навечер водителот Гинтер Јаух ја смени планираната тема на својата емисија и ја стави на дневен ред темата - „Машки вицови“.

Rainer Brüderle schweigt
Шефот на пратеничката група на либералите во Бундестагот, Рајнер БридерлеФотографија: dapd

58 проценти жени се жртви на сексуално вознемирување

Во целата приказна се вклучи и официјален Берлин. Министерството за семејство ја поздрави расправата за сексизмот на работно место поттикната од текстот во „Штерн“. Генерално е точно, рече портпаролката на Министерството, дека за тоа се зборува независно од актуелните поводи.
Таа укажа на една студија од 2004 година, која е направена по нарачка на нејзиното Министерство, а според која 58 проценти од жените наведуваат дека барем еднаш во животот биле изложени на сексуално вознемирување, 42 проценти од тоа на работното место. И шефицата на партијата на Зелените, Клаудија Рот остро го осудува секојдневниот сексизам во општеството: „Неразбирливо е колку мажи воопшто не забележуваат кога се однесуваат дискриминирачки или дури мислат дека имаат право да се однесуваат сексистички.“

Напалениот кандидат“

Сојузната канцеларка Ангела Меркел преку својот портпарол Штефен Зајберт порача: „Сојузната канцеларка се разбира, е за тоа политичките актери меѓу себе, како и политичарите и претставниците на медиумите да се однесуваат професионално и со почитување.“ За текстот во „Штерн“ портпарлот на Меркел не сакаше да се изјасни. Тој прилог, рече тој, „на никој начин не ја допира работата на сојузната влада.“
Водечките политичари на ФДП како и министерката за правосудство Сабине Лојтхојзер- Шаренберг го критикуваа хамбуршкиот неделник. „Моментот на објавување на текстот наведува само на еден заклучок: ’Штерн’ го интересираат само тиражот. Оној кој во интернет изданието својот прилог го насловува со 'Der spitze Kandidat' (што во буквален превод значи ’Напалениот кандидат’, но е и игра на зборови бидејќи 'Spitzenkandidat' значи водечки кандидат, што Бридерле е за ФДП на претстојните избори), тој се служи со сексистички јазик кој е надвор од сите граници на добриот вкус“, рече министерката во разговорот за онлајн изданието на неделникот „Шпигел“.
Иконата на германскиот феминизам Алис Шварцер на својот блог заклучи дека „по овој скандал Бридерле веќе не е политичар со иднина туку маж чие време поминало“. Претседателот на Германскато Книгево здружение (Книге е синоним за германски бонтон) остро го нападна 67- годишниот либерал. Во интервју за изданијата на медиумската група ВАЦ, Клајн однесувањето на Бридерле го окарактеризира како „неумесно и лигаво“ констатирајќи „Кокетирањето е легитимно, но се зависи од начинот на кој се прави.“

Symbolbild Sexismus Debatte
Фотографија: dapd
Twitter #aufschrei Tag Schlagwort Stichwort Sexismus Debatte
Акцијата под наслов „Врисок“ на ТвитерФотографија: dapd