1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преспан денешниот петок

30 декември 2011

30 декември 2011 е избришан од календарите на пацифичкиот остров Самоа, откако владата одлучи да ја промени временската зона.

https://p.dw.com/p/13bif
Фотографија: picture-alliance/DUMONT Bildarchiv

Жителите на пацифичкиот остров Самоа отидоа в кревет во четврток и ќе се разбудат в сабота, откако владата донесе историска одлука да ја промени временската зона во која се наоѓа земјата.

Самоа во последните 119 години се наоѓаше во источната временска зона која е 11 часа зад централното европско време.

Со владината одлука земјата да се префрли во западната зона, направен е скок од 24 часа напред, што во пракса значи дека петок 30 декември во Самоа годинава нема да постои.

Landkarte auf Samoa
Географска карта на СамоаФотографија: picture-alliance/dpa

Со потегот, Самоа влегува во иста временска зона со пацифичките соседи Австралија и Нов Зеланд. Според премиерот Туилаепа Саилеле Малиегаои, овој чекор има и бизнис логика, а отвора и нови перспективи за туризмот во земјата.

Досега, Самоа беше 23 часа зад Австралија, иако оваа земја и‘ е најблизок сосед, и во пракса губеше по два комерцијални дена во неделата со своите трговски партнери.

„Кога овде е петок, во Нов Зеланд веќе е сабота, а кога ние одиме в црква во недела во Австралија веќе се донесуваат бизнис одлуки“, рече Туилаепа.

Промената сепак ќе има и неколку невообичаени последици. На 30-ти декември во земјата ќе се родат 767 новороденчиња и ќе бидат склучени 43 брака. На луѓето им е оставен избор да одберат дали ќе го прослававуваат тој ден на 29-ти или на 3-ви декември. Туристите, пак, ќе профитираат затоа што владата им наложи на хотелите да не наплатуваат за „ден што не постои“, а од друга страна сите вработени ќе добијат плата за 30 декември.

Во 1892-ра година Самоа се префрли од западната во источната временска зона за да го усогласи работното време со своите тогашни најголеми трговски партнери САД и Европа. 119 години подоцна земјата направи уште еден историски „скок“ напред.

Автор: БГ/афп

Редактор: Ж.Ацеска